Брус Спрингстин одложи осум концерти поради лекување


 

Ветеранот на рок-сцената, ѕвездата Брус Спрингстин во средата соопшти дека на неодредено време одложува осум концерти на турнејата овој месец со неговиот бенд „E Street Band“ поради здравствени проблеми.

Седумдесет и тригодишниот Спрингстин се лекува од чир на желудникот. Тој потоа ќе ги одржи откажаните шоуа, почнувајќи со концертот закажан за четврток во JMA Wireless Dome во Сиракуза, Њујорк, како и неодржаното шоу во Филаделфија пред неколку недели.

„Ќе ги одржиме тие концерти, а потоа уште неколку“, им порача кантавторот на обожавателите во пораката што ја објави на својот профил на социјалната медиумска платформа Х, порано позната како Твитер. „Ви благодариме за разбирањето и поддршката“.

На сопствениците на билети за одложените концерти им е кажано дека ќе добијат информации за презакажаните термини.

Претставите закажани за 9 септември во Балтимор, 12 и 14 септември во Питсбург, 16 септември во Ункасвил, Конектикат и 19 септември во Олбани, Њујорк се одложени.

Организаторите на северноамериканската турнеја на Спрингстин, која започна минатиот месец и требаше да трае до средината на декември, рекоа дека музичката ѕвезда, добитник на Греми, „лекува симптоми на пептичен улкус и дека неговите лекари одлучиле да го одложи остатокот од неговите септемвриски настапи“.

Пептичен улкус или чир на желудникот е рана на слузницата на желудникот и на горниот дел од тенкото црево, а најчест симптом е стомачната болка, велат од клиниката Мајо.

Спрингстин, роден во Њу Џерси, кој го доби прекарот „Бос“ („Шефот“) во раните години од неговата кариера во 1970-тите, беше примен во Куќата на славните на рокенролот во 1999 година, а во 2022 година го издаде својот 21 студиски албум „Only the Strong Survive “, колекција на обработки на класична R&B и соул музика.