Бројот на загинати во нападот на божиќниот пазар во Магдебург се искачи на пет – ги уби критичар на исламот
Бројот на загинати се искачи на пет, а повеќе од 200 се повредени кога автомобил вчера влета во толпа луѓе на божиќниот пазар во Магдебург, изјави Рајнер Хаселоф, премеир на сојузната германска покраина Саксонија-Анхалт.
Канцеларот Олаф Шолц, кој беше со него за да оддаде почит во источниот град Магдебург, изрази посебна загриженост за околу 40 тешко повредени лица и ја осуди „страшната катастрофа“.
Нападот на божиќниот пазар во Магдебург, во кој загинаа пет лица, меѓу кои едно дете, а беа повредени 200 други, го изврши 50-годишниот психолог Талеб ал-Абдулмохсен. Тој со својот автомобил удри во толпа луѓе.
Кој е тој?
Талеб ал-Абдулмохсен е роден во саудискиот град Хофуф, а во Германија дошол во 2006 година за време на неговата специјализација по психотерапија. Тој подоцна побара азил поради смртни закани откако го напушти исламот, а во 2016 година доби статус на политички бегалец. Живеел во Бернбург и бил познат како експерт за психијатрија и психотерапија.
Како што пишува Дејли Мејл, неговото минато е обележано со активизам чија цел е да им се помогне на поранешните муслимани, особено на жените, да избегаат од Саудиска Арабија. Тој ја водел веб-страницата wearesaudis.net, посветена на обезбедување информации за „патеките за бегство“ за луѓето кои сакале да ја напуштат Саудиска Арабија. Во интервју за Frankfurter Rundschau во 2019 година, тој изјави дека повеќето од неговите клиенти се жени за кои азилот е единствениот начин да избегаат од зависноста од машки старатели.
Го критикуваше исламот, ги поддржуваше десничарите и теоретичарите на заговор
Неговите објави на социјалните мрежи укажуваат на силни антиисламски ставови. Во своите објави, тој го критикуваше исламот и изрази поддршка за германската десничарска партија AfD, како и за Илон Маск и десничари како Томи Робинсон и теоретичарот на заговор Алекс Џонс.
Тој ретвитна содржина како што се графички видеа, вклучително и каменување жени, и коментари како: „Можете ли да најдете нешто позитивно за исламот?
Пет дена пред нападот, тој даде интервју за десничарската платформа RAIR Foundation, во кое тврдеше дека Германија ги фаворизира сириските бегалци, вклучително и исламисти, додека ги отфрла саудиските отпадници кои бегаат од шеријатските смртни казни. Во тоа интервју тој изјави дека „само 70 отсто од саудиските граѓани добиваат азил, додека оваа бројка за сириските граѓани е 99,8 отсто“.
„Доколку сириски државјанин поднесе барање за азил во Германија, шансите да добие азил се 99,8%, но ако државјанин на Саудиска Арабија поднесе барање за азил во Германија, таа шанса е само 70%, а јас лично знам дека многу од одбиените се поранешни муслимани.
Германија ги поздравува Сиријците – вклучително и многу исламисти – додека во исто време ги отфрла саудиските отпадници, луѓе кои вистински бегаат од смртната казна на шеријатот“, рече тој.
Тврдеше дека германските власти му ја отвораат поштата
На видеата објавени неколку часа пред нападот, Ал-Абдулмохсен тврди дека германските власти ја отворале неговата пошта и краделе предмети, вклучително и USB-стикови. „Германските граѓани се одговорни за прогонот на кој сум подложен. Германската нација криминално ги прогонува критичарите на исламот“, рече тој во едно видео.
Неговите ставови на социјалните мрежи вклучуваат и поддршка за екстремно десничарските политичари и активисти. Тој ги ретвитна изјавите како: „Левичарите се луди. Ни треба AfD да ја заштити полицијата од нив“ и „Тиранијата се заснова на потчинување на кукавици. Избирам да бидам храбар“.