Бројот на вработени во индустријата во минус, производството во плус. Дали се зголемува продуктивноста?

Податоците за зголеменото индустриско производство ја поставуваат на дневен ред продуктивноста. Ако таа е поголема зошто не се зголемуваат и платите


 

Веќе месеци наназад, статистичките податоци покажуваат дека се намалува бројот на вработени во индустријата. Последното соопштение на Државниот завод за статистика, објавено деновиве го потврди таквиот тренд – во јули годинава бројот на работниците во индустријата бил помал за 3,8 отсто во однос на истиот месец лани. Уште понеповолна е споредбата во првите седум месеци годинава со истиот период лани намалувањето е четири отсто. Намалување има во рударството за 2,4 отсто, во преработувачката индустрија за 4 отсто, снабдување со електрична енергија за 0,5 отсто…

Зошто е така и дали овој тренд треба да ги загрижи носителите на економските политики?

Од друга страна, пак, индустриското производство е во неколкумесечен раст јули годинава порасна за 4,1 отсто споредено со истиот месец лани, во мај беше за 9,4 отсто повисоко во однос на мај 2024 година. Носечки фактор е преработувачката индустрија која во јули беше за 7 отсто над состојбата истиот месец минатата година. Кумулативно индустриското производство годинава заклучно со јули беше за 3 отсто поголемо споредено со истиот период минатата година, а преработувачката индустрија порасна за истиот период 4,5 отсто.

Значи ли ова дека се зголемува продуктивноста (бидејќи со помалку вработени во индустријата се зголемува производството) и, ако е така, зошто тогаш не се зголемат и платите, ако се има предвид дека од Владата постојано укажуваат дека платите, вклучувајќи ја и минималната плата, треба да го следат растот ан продуктивноста.

На овие прашања, „Независен“ побара одговор од Бранимир Јовановиќ, наш економист кој работи во реномираниот Виенски институт за меѓународни економски студии и од првиот човек на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, кој е во фронтовска битка со Владата и работодавците за зголемување на минималната плата на 500 евра.

„Мислам дека тука има две приказни. Првата е за долгорочниот пад на индустријата во Македонија, а втората е за продуктивноста“, вели за „Независен“, Бранимир Јовановиќ.

Зборувајќи за падот бројот на работници во индустријата, тој вели дека овој тренд е континуиран од крајот на 2023 година – од тогаш до сега е намален за околу 6 отсто.

„Ако се тргнат некои инцидентни прекини од 2022 и 2023 година, може да се види дека трендот е уште подолгорочен – врвот е достигнат на средината на 2018 година, и од тогаш до сега бројот на работници во индустријата е намален за околу 13 проценти“, вели Јовановиќ.

Тој посочува дека причините за ова се повеќе. Првата е позитивна – генералниот технолошки напредок во светот и свртувањето кон услугите, како понапредна дејност. Но, има и негативни причини – стагнацијата на Германија и Европа, со кои нашата индустрија е поврзана како со папочна врвца; доминацијата на Кина и Источна Азија во глобалното производство, што погаѓа и многу други земји во светот, вклучувајќи ја и Америка (што е главен изговор на Трамп за царините); и пред сè – немањето јасна стратегија за економски развој на земјата.

„Така што, ако треба нешто да се прави по ова прашање, тоа е да се донесе и да почне да се применува јасна и конкретна индустриска страгегија, по примерот на Кина и на многу други земји кои го правеа истото во изминатите години“, вели Јовановиќ.

Втората приказна тука е што – падот кај обемот на производство е помал од падот кај бројот на работници, додава Јовановиќ.

Платите кај нас се многу под продуктивноста и мора да растат, категоричен е Јовановиќ

„На пример, учеството на индустријата во БДП е намалено од околу 19% во 2018 година, на околу 17% сега. Тоа во превод значи дека, и покрај генералниот пад на индустријата, продуктивноста во неа е зголемена. И тоа воопшто не е чудно – има технолошки напредок секаде во светот, па и кај нас. Но, онаа приказна која ја пласира бизнис заедницата постојано, а во последно време и владата – дека немало раст на продуктивноста, апсолутно не е точна“, вели Јовановиќ.

Тој посочува дека продуктивноста во Македонија, гледано на ниво на цела економија, и мерено како аутпут по еден работник, денеска е на околу 53% од просекот во ЕУ.

„Во 2017 година, на пример, беше 47%. Од друга страна, просечната плата во Македонија е само 33% од ЕУ просекот, односно, многу помалку од продуктивноста. И кога бизнис заедницата или Владата зборуваат дека платите треба да ја следат продуктивноста, треба да го гледаат овој сооднос, односно, дека платите кај нас се многу под продуктивноста, и дека затоа мора да растат“, категоричен е Јовановиќ.

За претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, податоците за падот на бројот на вработени во индустријата се многу загрижувачки, а самиот факт што 374.045 работници или 73,3 отсто од работниците примиле плата под просечната плата, а 169.082 работници, односно 1/3 или 33,1 отсто од работниците примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра покажува дека висината на платата можеби е и најголемата причина за тоа што македонскиот работник не ја гледа својата иднина во Македонија и во македонското стопанство. И, како што додава, можеби тоа е најголемата причина за падот на бројот на вработени во стопанството, кои наместо да ја градат домашната економија заминуваат во странство и градат некои туѓи економии.

„Падот на бројот на вкупниот број на вработени е уште позагрижувачки ако се погледнат податоците на УЈП кои ги обезбеди ССМ и кои покажуваат дека во јули 2024 година плата примиле 532.292 работници, а во мај 2025 година плата примиле 509.960 работници што само ја потврдува лошата слика со пазарот на трудот, па доколку продолжи ваквиот тренд на лоши политики за ниски плати тогаш опасноста е уште поголема, затоа што секој што заминал од Македонија за поплатена работа и повисока плата, повеќе не се вратил назад“, вели Трендафилов за „Независен“.

Тој вели дека работодавачите во стопанството се подеднакво виновни, ако не и повеќе за ваквата состојба затоа што сѐ уште го потценуваат трудот на македонскиот работник, не го плаќаат доволно, не му даваат стабилен работен однос на неопределено време, па треба директно да ја преземат одговорноста не само за последната година туку и за последниве 30 години, затоа што тие ја доведоа државата на ова дереџе.

На прашањето што (не)прави Владата и што треба да направи ваквиот тренд да се прекине, Трендафилот посочува дека не само Владата, туку и рабородавачите во приватниот сектор или стопанството треба заеднички да настапат.

„Наместо да се поддржуваат во намерите за незголемување на минималната плата и незголемување на останатите плати, да почнат да отстрануваат една по една од причините за таквиот опасен тренд, затоа што дојде времето кога ако сакате да задржите некој работник, ќе мора да му понудите вистински услови, висока плата, а не само празни ветувања, дојде крајот на времето кога стопанствениците мислеа дека работникот ќе им работи за ниска плата, а доколку не, тој е лесно заменлив“, вели Трендафилов.

Тој нагласува дека како ССМ во континуитет укажуваат дека првиот чекор кој треба да го преземат е да се зголемат платите на работниците, а следствено на тоа да се креираат мерки за поддршка на работодавачите кои се соочени со одредени предизвици.

Најголема манипулација на Владата и стопанствениците е дека работниците не се продуктивни, вели Трендафилов (Фото: Б. Грданоски)

На молбата да ги прокоментира укажувањата на Владата дека платите треба да растат согласно растот на продуктивноста, во контекст на податоците за раст на индустриското производство, и намалениот број вработени во индустријата и дали ова покажува дека се зголемила продуктивноста и ако е така, дали тоа не е доволен аргумент за зголемување на платите, Трендафилов вели дека аргументи за зголемување на платите има премногу, а тоа е уште еден аргумент повеќе, но како тоа да не им многу важно во Владата.

„Со трендот на намалување на бројот на вработени во Македонија, трендот на егзодус на работничката сила од Македонија, денеска еден работник во приватниот сектор работи за двајца или тројца работници, продуктивен е како двајца или тројца работници, на стопанствениците им креира добивка како за двајца или тројца работници да работат, затоа што обемот на работа со намалување на бројот на вработени не е намален, туку напротив е зголемен, но платата на тој еден рабитник не му е двојно или тројно зголемена“, вели Трендафилов.

Тој додава дека најголема манипулација на Владата и стопансвениците е дека работниците не се продуктивни, затоа што кога зборуваат за продуктивноста, секогаш зборуваат како само работниците да ја креираат неа, а не е така. Вложувањето односно инвестициите во нови технологии, во дигитализација и автоматизација, инвестициите во напредна технологија, машини и алати се главниот двигател на продуктивноста, а работниците се продуктивни толку колку што се платени, вели првиот синдикалец.

„За тие плати дури се и премногу продуктивни, па Владата и стопанствениците можат да замислат колку ќе се зголеми продуктивноста доколку ги зголемат платите на работниците“, вели Трендафилов.

Но, според него, тоа очигледно не им е целта тоа, туку целта им е преку изговорот за ниска продуктивност да нема речиси никакви зголемувања на платите во наредниот период.

„Работниците продуктивноста ја мерат различно од тоа како ја мерат и во Владата и како ја мерат работодавачите. Работниците својата продуктивност ја мерат со тоа што гледаат колкави добивки, автомобили, куќи, одмори и други луксузи, со својот труд им овозможиле на газдите, односно, ја мерат својата продуктивност кога гледаат како уживаат околу 1.000 функционери и околу 65.000 сопственици на компании на работничкиот грб и од работничката пот“, вели Трендафилов, додавајќи дека работникот го вложува својот труд за да ја заработи својата плата, да заработи за својот работодавач и да заработи за фунционерите.