(ВИДЕО) Бројот на мртвите во Иран нејасен, според лекар надминува 200 жртви


Лекар од Техеран изјавил за списанието TIME дека само шест болници во главниот град евидентирале најмалку 217 загинати демонстранти, „најчесто од боева муниција“.Доколку овие бројки се потврдат, тоа би укажувало на жестока репресија, што ја најави речиси целосното гасење на интернетот и телефонските врски во земјата од четврток навечер. 

Протестите, кои сега се проширени во сите покраини, започнаа како бунт против економијата во слободен пад, но брзо прераснаа во барања за уривање на авторитарниот исламски режим кој владее од 1979 година. Иако поголемиот дел од протестите се мирни, со повици „Слобода“ и „Смрт на диктаторот“, дел од државните објекти се вандализирани, се палат фотографии на верскиот лидер Хамнеи, се запали џамија во Техеран и се симнува знамето што го симболизира исламскиот режим. Жените пак масовно ги палат бурките како порака до ајатоласите но и до целиот свет. Протести преку ден одржуваат и приврзаниците на режимот нарекувајќи ги другите предавбици и хипокрити која ја продаваат земјата .

Лекарот навел дека властите во петокот ги отстранувале телата од болниците. Меѓу загинатите имало многу млади луѓе, вклучувајќи и неколку кои биле убиени пред полициска станица во северен Техеран, кога безбедносните сили отвориле оган со автоматско оружје. Активисти тврдат дека во тој инцидент биле застрелани најмалку 30 лица.

Организациите за човекови права пријавиле значително понизок број жртви. Human Rights Activist News Agency објави дека регистрирала најмалку 63 загинати од почетокот на протестите, од кои 49 цивили. 

Во меѓувреме, режимот испрати остри пораки. Врховниот лидер ајатолах Али Хамнеи порача дека „Исламската Република нема да отстапи пред вандалите“, додека државни обвинители предупредија дека демонстрантите би можеле да се соочат и со смртна казна.

Припадници на безбедносните сили, кои зборуваат анонимно, признаваат дека владее голема конфузија и несогласувања во рамките на апаратот за безбедност. Според нив, постои страв дека режимот се распаѓа одвнатре, иако во последните денови се забележува појасна наредба за примена на брутална сила. Политички аналитичари предупредуваат дека, со проширувањето на протестите меѓу средната класа и работниците, режимот ги смета демонстрациите за егзистенцијална закана и нема да се воздржи од насилство.

Прогонетиот ирански принц Реза Пахлави ги повика демонстрантите и вечерва и утре повторно да излезат на улиците, да ги заземат центрите на градовите и да покренат национален штрајк во транспортот, енергетскиот, нафтениот и гасниот сектор.

Тој порача дека масовниот одѕив го разоткрил слабеењето на безбедносниот апарат и дека следната фаза мора да се темели на постојан притисок. Пахлави се подготвува за враќање во Иран и  ќе застане покрај народот во, како што рече, „скората победа на националната револуција“.

Според проценките, падот на иранскиот режим би имал поголеми последици од падот на Берлинскиот ѕид, не затоа што Исламската Република е светска сила, туку затоа што таа е главна алатка за Кина и Русија и главен двигател на тероризмот на Блискиот Исток. Нејзиниот колапс би уништил еден главен столб на нивното влијание и фундаментално би ја променил динамиката на глобалната моќ.

Наспроти општото незадоволство и револт во земјата од владеењето на режимот иранската армија денеска ги повика граѓаните да останат внимателни и обединети со цел да ги спречат обидите на странски заговори за дестабилизација и предизвикување немири во земјата, и да останат внимателни и обединети со цел да ги спречат непријателските планови и да ги заштитат националните интереси.

Во официјалното соопштение од иранската армија се наведува дека непријателите, со поддршка на „криминалниот израелски режим“ и терористичките групи, се обидуваат да го нарушат редот и јавната безбедност во градовите и да предизвикаат хаос и немири.

Армијата, пренесува Тасним, нагласува дека станува збор за обиди за „нови заговори“ против Иран, потсетувајќи на 47-годишниот обид на американската влада да го врати влијанието во земјата.

„Денес, непријателот, кој ги извалка рацете со крв за време на 12-дневната војна, лажно тврди дека се грижи за иранскиот народ, додека планира нови заговори и предизвици“, се вели во соопштението.

Иранската војска ги повика граѓаните да ја одржат националната будност и единство, да ги спречат непријателските планови и да ги заштитат националните интереси.

„Под команда на врховниот командант ајатолахот Али Хамнеи, армијата, заедно со другите вооружени сили, целосно ги следи непријателските активности во регионот, заштитувајќи ја стратешката инфраструктура и јавниот имот и решително ќе се спротивстави на секој обид за саботажа“, се вели во соопштението.

Иранската револуционерна гарда предупреди дека заштитата на достигнувањата од Исламската револуција од 1979 година и безбедноста на Иран е „црвена линија“ за нив, објави државната телевизија.

Протестите избувнаа поради зголемувањето на цените и влошувањето на животниот стандард, откако вредноста на националната валута падна на рекордно ниско ниво. Протестите се најголемите демонстрации во Иран од 2022 и 2023 година, по смртта на Махса Амини додека беше приведена од полицијата за морал поради наводно кршење на кодексот на облекување.