Бројот на бегалци во Германија се намали, за прв пат од 2011 година


Вкупниот број на бегалци што живеат во Германија се намали за првпат од 2011 година, според владини податоци јави ДПА.

Бројот на бегалците во Германија се намали за околу 50.000 во првата половина од 2025 година. На крајот од минатата година имало околу 3.550.000, а сега има 3.500.000. Овие луѓе имаат различни статуси на престој. Падот одразува комбинација од фактори – депортации, доброволни заминувања и натурализации, соопшти Левичарската партија, која побара владини податоци.

Лани, на 83.150 Сиријци им беше доделено германско државјанство, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.

Од сите бегалци што моментално се наоѓаат во Германија, 492.000 немаат јасен статус, вклучувајќи ги барателите на азил и луѓето на кои им е дозволено привремено да престојуваат на германска територија.

На крајот на јуни, во Германија живееја 1.270.000 украински бегалци.