Бројката на лицата со аутизам се зголемува, а треба да расте и општествената свест


Со пуштањето сини балони  и со сложувалка на боите на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп, учениците, наставниците, со поддршка на локалната самопуправа го одбележаа 2 Април, Светскиот ден на лицата со аутизам. Воедно, со пораки и работилница свој посебен придонес во одбележувањето дадоа учениците од основното училиште „Климент Охридски“ каде се и паралелките на лицата со посебни потреби и сензорната соба за лицата со аутизам.

Според дефектологот од прилепското основно училиште „Климент Охридски“ Светлана Миоковиќ-Томеска постојано се зголемува бројот на лицата со аутизам, но причините се уште не се дефинирани.

-Бројката на децата со аутизам од ден на ден се повеќе расте. Последниот податок е дека има едно дете со аутизам на 34 деца од машки пол и едно на 105 женски деца. Очигледно, зачестеноста на аутизмот е поголема кај машките деца. Причините се различни и конкретно сѐ уште не е дефинирано зошто се зголемува бројот. Во секоја земја варира, кај нас за конкретни бројки нема посебна статистика. Не е одредено дали причинители се генетските фактори или заедно со оние од околината. Таа непознатост не тера повеќе да ги организираме овие кампањи за да ја прифатиме различноста. А целта на оваа кампања не е само да ја подигнеме јавната свест, туку и да го поттикнеме вклучувањето на овие деца не само во образовниот процес, туку и во секојдневниот живот, изјави Миоковиќ-Томеска.

Миоковиќ-Томеска признава дека постојат и кампањи против вакцинацијата како причинител на аутизам, но лично не смета дека е тоа во прашање.

-Јас лично не мислам дека вакцинацијата е причинител за аутизам. Сепак, генетската основа ни дава право да се сомневаме на големиот број на аутизмот.Последните години се зголемува свесноста за лицата со аутизам, но се уште сме далеку од целосното прифаќање на сите лица со попреченост, нагласи Миоковиќ-Томеска.

Лицата со аутизам не се многу различни од другите, само во секојдневието им се потребни повеќе внимание, љубов и посветеност, вели Наташа Колеска, мајка на 13 годишно дете со аутизам, која се бори против секаква дискриминација. Вели дека нејзиниот син е многу прифатен.

-Мојот син Ѓорѓи Колески има 13 години и е со аутизам. Состојбата на лицата со аутизам не е толку страшна како што се прикажува. Секојдневието е исто, но со многу поголем напор за да се постигнат резултатите. Треба да се зголеми свесноста дека тие се дел од нас, да ги прифатиме такви какви што се, да им подариме љубов, разбирање, да ги вклучиме во воспистно-образовниот процес, во редовната настава, да се чувствуваат како другите. Сакаат да бидат сакани и прифатени од другарчињата, од околината. Не чувствувам дискриминации, се борам да ја нема и за моето дете и за сите други деца. Не го гледам мојот син како различен, дури во некои полиња е понапред. Среќна сум што учи во ваква убава средина каде е прифатен и сакан и ова училиште за него е еден вид терапија, објаснува Колеска.

Зоран Сребреноски, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски“ вели дека напорно се работи на прифаќање и работа со децата, но голем број од нив следат редовна настава во училиштата.

– Во нашето училиште покрај основната образовна настава, се реализира и настава за децата со посебни образовни потреби во кои се вклучени и децата со аутизам. Имаме и специјализирана просторија-сензорна соба наменета за децата со аутизам. Денеска ја нагласуваме грижата за децата со аутизам. Правиме максимални напори сите деца, особено децата со аутизам и посебни потреби да се чувствувата слободни и да не се чувствуваа различни, туку еднакви, вели Сребреноски.

И прилепскиот градски часовник беше обоен во сино, со бојата на лицата со аутизам.