Брнз: Моментумот е сега, местото на Македонија е во ЕУ
Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Брнз, од форумот на „Економист“ во Скопје порача дека местото на Македонија е во ЕУ, а моментумот за придвижување во тој правец е сега.
„САД со години имаат визија за Европа за слободна и демократска Европа, која го вклучува и Западниот Балкан. Се надевам дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат да работатт на изнаоѓање решение. Јасно е дека местото на Македонија е во Европа. Моментумот е сега“, рече Брнз.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, оцени дека суштината на спорот со Софија нема ништо со Копенхашките критериуми што се услов за влез во ЕУ, ниту пак со тоа што е Европската унија. Тој посочи дека решението сега се бара на две патеки, од кои првата е таа на билатерално ниво, каде што се дефинираат содржината во патоказот и гаранциите што ги бара Софија. Второто ниво е европското, на кое се утврдува позицијата на патоказот во процесот на евроинтеграцијата, што според него не се прави само заради Македонија, туку заради потребата и на ЕУ да го заштити својот процес на пристапување и тој да биде европеизиран, а не балканизиран.
Тој посочи одредена промена во наративот на Софија, која сега се фокусира на правата на преставниците на бугарската заедница во земјата и нивното место во Уставот.