Британскиот квиз „Кој сака да биде милионер“ по 14 години доби победник
Британската верзија од квизот „Кој сака да биде милионер“ го доби својот прв победник по 14 години.
Наставник по историја и политика , 57-годишниот Доналд Фиар кој живее во Телфорд, точно одговори на сите 15 прашања и освои милион фунти.
Овој татко на четири деца, ппланира парите да ги потроши меѓу другото и на куќа на тркала. Неговиот брат Двајт, лани на истиот квиз освои половина милион фунти.
Водителот на квизот, Џереми Кларксон, рече дека има чувство како пред него да седи „Енциклопедија Британика“.
Последниото прашање на кое наставникот точно одговори беше: „Кој гусар во 1718 година загинал во битката кај брегот на денешна Северна Каролина?“ Одговорот беше Едвард Теч „Црнобрадиот“.
https://www.instagram.com/p/CFA0dRVnBy9/?utm_source=ig_embed
„Не може да бидете наставник по историја 33 години, а да не знаете неколку датуми. Датумот и Црнобрадиот веднаш ми паднаа на памет“, рече победникот.
Фиар искористи само една помош и тоа 50:50, додека двете други опции „Повикај пријател“ и „Прашај ја публиката“ останаа неискористени.
Епизодите се однапред снимани без студиска публика поради корона вирусот, а натпреварувачите добија можност два пати да користат „Повикај пријател“.