Британската МИ6 ќе ја користи темната мрежа за регрутирање агенти и пристап до тајни


Британските шпиони ќе ја користат „темната мрежа“ (dark-web) за регрутирање информатори и добивање тајни информации од агенти во Русија и низ целиот свет, објави британското Министерство за надворешни работи.

Тајната разузнавачка служба, британската шпионска агенција позната како МИ6, ќе го користи порталот „темна мрежа“ наречен Silent Courier, кој ќе им овозможи на луѓето безбедно да препраќаат детали за нелегални активности насекаде во светот или да нудат свои услуги.

„Денес ги молиме оние со чувствителни информации за глобалната нестабилност, меѓународниот тероризам или активностите на непријателските државни разузнавачки служби безбедно да го контактираат МИ6 преку интернет“, ќе каже шефот на МИ6, Ричард Мур, кога денеска официјално ќе ги објави плановите во говор во Истанбул.

„Нашите виртуелни врати се отворени за вас“, рече Мур, кој претходно ги повика Русите да шпионираат за Велика Британија.

Во промотивното видео што го придружува соопштението, се наведува дека основата на активностите на МИ6 била лична средба, но дека сега се свртуваат кон анонимноста на темната мрежа, што често се користи од дилерите на дрога, терористите и сексуалните злоупотребувачи на деца.

Упатствата за тоа како да се користи порталот ќе бидат објавени на Јутјуб каналот на МИ6 денеска во 7 часот наутро по британско време, соопшти Министерството за надворешни работи.

„Како што светот се менува и заканите со кои се соочуваме се зголемуваат, мора да се осигураме дека Велика Британија е секогаш еден чекор пред нашите противници. Сега ги зајакнуваме нивните напори со најсовремена технологија за да може МИ6 да регрутира нови шпиони во Русија и низ целиот свет“, изјави министерката за надворешни работи Ивет Копер.

Информацијата доаѓа во време кога Мур, кој од некои британски медиуми беше споменат како можен кандидат да стане следниот амбасадор на Велика Британија во Вашингтон, се подготвува да се повлече овој месец од функцијата шеф на МИ6 по пет години. Тој ќе биде заменет од Блејз Метревели, првата жена шеф на агенцијата.