Брисел и Софија треба да покажат дека проширувањето е живо, порача Заев


„Химната, грбот и знамето останаа засекогаш во кодот на македонскиот идентитет“, рече премиерот Заев во говорот во Прилеп

Премиерот во говорот во Прилеп по повод 11 Октомври рече дека таму и во Куманово во 1941 година  почнала борбата против „тогашниот фашистички окупатор“, но со сето она што го кажа јасно беше дека тоа се однесува на бугарските окупаторски сили

 

Македонија не мисли да ги заборави оние што пред 80 години на 11 октомври 1941 во Прилеп и Куманово го запалија факелот за борбата на нејзината слобода и независност. Премиерот Зоран Заев вечерва во Прилеп во говор за празникот од централниот плоштад посебно зборуваше за оние што се кренаа во борба против окупаторот, но без оглед што рече „тогашните фашистички окупаторски сили“, јасно беше дека тоа се однесува на бугарската војска во тоа време која ја окупира Македонија. Тоа е и своевиден одговор на повеќемесечните тврдења што доаѓаат од Софија дека тогашните бугарски фашистички војски не ја окупирале туку ја ослободиле Македонија, но и гест на добра волја со исфрлање на зборот „бугарски“.

„На овој ден 16-мина младинци, партизани од Прилепскиот партизански одред ‘Гоце Делчев’, го нападнаа полицискиот участок на тогашните фашистички окупаторски сили и ги прекинаа телефонските и електричните врски со градот.

Овие млади луѓе, заедно со нивните другари од Куманово, презедоа храбри акции со кои го означија почетокот на сенародната борба за слобода и човечки правдини. Овие млади луѓе не се штедеа себеси – ниту својата младост, ниту своите животи.

Останаа записите на тогашниот окупаторски воен суд во кој е запишано дека напаѓачите располагале со околу дваесет пушки и со неколку бомби. Со 300 до 400 куршуми, со леб и со други намирници.

Ете тоа е запишано во прецизните судски записи, но, не е запишано најсилното оружје кое што го поседувале овие грст млади луѓе: силниот порив, силната волја и одлучност, да се кренат против фашистичките окупаторски војски. Да го продолжат државотворното дело на сите претходни генерации кои ја сонуваа самостојната македонска држава.

Сопствениот живот го направија оружје за таа идеја, затоа што знаеја, затоа што видоа, затоа што препознаа, дека слободата, правдината и државата се на чекор до остварување.

Во име на должната почит, инспирација и восхит за нивните револуционерни и слободарски дела, нашите ослободители од народно-ослободителната војна ги именуваа партизански одреди со имињата на Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански“, рече Заев.

Откако зборуваше и за македонскиот пат во 30-те години независност, Заев се наврати на Софија, но сега како членка на Европската унија.

„Никој нема забелешки на нашите реформи. Напротив, препознаени се и пофалени. Покажавме капацитет дома постојано да ги имплементираме европските вредности…

За жал нашето столче во Европската унија сè уште не е поставено. Сега од Брисел и особено од Софија очекуваме реално да покажат дека европските вредности и принципи за проширување сѐ уште се стратешка цел. Дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Дека гледаат напред, исто како што македонскиот народ гледа напред. Тоа е европски поглед.

Нашиот глас е силен и далеку се слуша кога укажуваме дека секое натамошно одложување на почетокот на преговорите ги потхранува и храбри ретроградните сили во земјата и регионот. Укажуваме дека е опасно на тие сили, кои се противници на европското единство и европските вредности, да им се даде и најмала шанса“, рече премиерот.

Тој нагласи дека македонските граѓани во напорот за подобра иднина се водат од аманетот што им го оставија нивните претци во борбата за слобода. „За остварување на оваа цел имаме на кого да се угледаме, и тоа го правиме денеска кога се сеќаваме и им се поклонуваме на сите оние кои никогаш не се запрашаа за цената на слободата, правдата и социјалната еднаквост.

На сите оние кои ни оставија аманет да се обединиме околу овие вредности и да ги надминеме поделбите. Да го зајакнеме заедништвото коешто како завет нѝ е оставено со Крушевскиот манифест, со народно-ослободителната антифашистичка војна и со АСНОМ, и со референдумот за независност“.  

Зборувајќи за Праспанскиот договор и Договорот за доброседство со Бугарија, членството во НАТО тој ги оцени како „дезинформации“ дека бил избришан АСНОМ.

„Тоа беа крупни, храбри чекори за да потврдиме дека нашата земја била, и секогаш ќе биде Европа. Дезинформираа дека наводно сме го бришеле АСНОМ од нашата историја, од нашиот Устав.

Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и ден, празник на македонскиот јазик, тоа 5 Мај.

Ни се исполнија градите со гордост кога на јарболот пред седиштето на НАТО, се издигна македонското знаме  и кога беше интонирана македонската химна.

Со тој чин, химната, грбот и знамето останаа засекогаш во кодот на македонскиот идентитет. Исто како и нашата територија, јазикот, именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство. Македонски. Засекогаш“, рече премиерот Зоран Заев, кој воопшто не ги спомена локалните избори. (Н.В.)