Бретон остро го предупреди Маск за дезинформации на платформата Х
Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон го предупреди американскиот милијардер и сопственик на социјалната платформа X (поранешен Твитер) Илон Маск дека платформата е преплавена со дезинформации за војната во Израел, што е спротивно на правната рамка на Европската унија.
– По терористичките напади на Хамас врз Израел, имаме индикации дека вашата платформа се користи за ширење нелегални содржини и дезинформации во ЕУ. Дозволете ми да ве потсетам дека постојат многу прецизни обврски за уредување содржина според Законот за дигитални услуги, рече Бретон во писмо до Маск.
Бретон, кој е задолжен и за дигиталната транзиција, прецизираше дека медиумите и граѓанските организации масовно известуваат дека на платформата Х за војната во Израел кружат дезинформации и лажни и манипулирани слики, на пример од некои други конфликти или дури и од видео игри.
Бретон го повика Маск „крајно транспарентно и јасно да стави до знаење какви содржини се дозволени“ и додаде дека мора доследно да ја спроведува зацртаната деловна политика, што е „особено важно кога станува збор за насилни и терористички содржини“ кои „очигледно циркулираат“ на мрежата X.
Во дописот, кој беше објавен на Х, се посочува и дека надлежните европски органи веќе испратиле предупредувања.
Нагласено е дека Маск и неговата компанија мора да одговорат на овие извештаи навремено и со должно внимание и да ја информираат ЕУ за преземените мерки и оти Маск мора „со оглед на итноста“ да биде во контакт со релевантните сили за спроведување на законот и Европол.
Во писмото се додава дека соработниците на Бретон наскоро ќе објават некои конкретни барања кои се во согласност со Законот за дигитални услуги на ЕУ, а се очекува Маск целосно да одговори на приговорите во рок од 24 часа. Се предупредува дека евентуална истрага може да резултира со казна.