Брендот „Фенти“ на Ријана и ЛВМХ ставен во мирување


Линиите за долна облека и козметика продолжуваат

Франција/САД– Луксузната модна групација ЛВМХ и поп-ѕвездата Ријана се договорија да ја затворат нејзината модна етикета Fenty по помалку од две години во производство.

Сепак, линијата за долна облека Savage X Fenty ќе продолжи, како и линиите за козметика Fenty Beauty и Fenty Skin.

Од ЛВМХ изјавија дека линијата на облека  на Фенти ќе биде „ставена во мирување“ во очекување на подобри услови.

Модните аналитичари велат дека иако Ријана има огромен број фанови, цените на етикетата „Фенти“ беа превисоки за повеќето од нив.

Но, ЛВМХ и Ријана ветија дека ќе се концентрираат на долгорочниот развој на „екосистемот Фенти“.

Ријана, чие целосно име е Робин Ријана Фенти, стана првата црномуреста жена  што водеше куќа под брендот ЛВМХ кога беше промовирана линијата Фенти во пролетта 2019 година.

Но, немаше објави на Инстаграм профилот на брендот од почетокот на оваа година и ниту една нова колекција не се појави од ноември, минатата година.

Потезите на Ријана во модниот свет се на штета на нејзината музичка кариера.

Откако беше позната по тоа што издаваше албум годишно, таа нема издадено нов сет песни од „Анти“ во 2016 година. (според агенциите)