Борис Тадиќ: Идејата за бојкот на изборите се распадна


Победата над Вучиќ подразбира политички процес и акумулација на помали победи, оценува Борис Тадиќ

Пандемијата со корона вирусот ги промени работите, па сега опозицијата која е против Вучиќ треба да најде „нов одговор“, вели Тадиќ. Тој мисли на предлогот за формирање „Листа за бојкот“, што би значело продолжување на „бојкотот на институциите по изборите“

 

Идејата за бојкот на изборите се распадна, а прашањето е дали Сојузот за Србија (СЗС) сè уште постои, рече претседателот на Социјалдемократската партија (СДС) и поранешен српски претседател, Борис Тадиќ, и оцени дека „се појави нова реалност, предизвикана од вонреднаta состојба и пандемијата, а потоа и со одлукаta на Движењеto на слободни граѓани да излезе на гласање“.

Тој вели дека не може да застане зад акцијата на Бошко Обрадовиќ пред парламентот и објасни дека лидерот на Двери се обраќал кон неговиот прилично екстремен електорат.

За претседателот на СДС, таквата акција „не е разбирлива“, но тој, исто така, верува дека Обрадовиќ и Двери реагираат на „генералниот циркус и екстремизам што Вучиќ и Српската напредна партија ја градат во Србија веќе осум години“.

Според предупредувањето на Тадиќ, реакцијата на екстремизам со екстремизам доведува до многу ризични околности, „што може да резултира во конечен и голем конфликт во рамките на граѓанството во Србија“.

Како што објасни тој, во општества како српското, во кое „Вучиќ гради примитивен култ на личноста, внесува лаги во јавниот живот секој ден, шири агресија на сите страни со желба да стане историска фигура, не може однапред да предвиди на кој начин ќе дојде до експлозија“.

Конкретно, не е можно однапред да се знае кој ќе ја преземе таа неконтролирана енергија на населението и енергијата на бунтот што може да се појави, истакна Тадиќ.

Затоа тој би сакал „алтернатива на автократскиот режим да биде демократија и стабилен, рационален и одржлив систем, а не друг вид автократски режим“.

Во исто време, Тадиќ е убеден дека „идејата за бојкот се распадна“ и дека прашањето е дали СЗС сè уште постои.

Време е, како што рече, „сите да се разбудат и да станат свесни за новата реалност создадена од пандемијата на Ковид-19 и одлуката на Движењето на слободни граѓани да излезе на гласање“.

Истакнувајќи дека опозицијата која е против Вучиќ треба да најде „нов одговор“, Тадиќ предложи „решение кое на крајот може да нè помири и да нѐ држи заедно на изборната листа, и покрај различните идеолошки ориентации“.

Тој мисли на предлогот за формирање на „Листа за бојкот“, што би значело продолжување на „бојкотот на институциите по изборите, затоа што диктатурата на Вучиќ го заслужува тој вид одговор“.

Тадиќ изјави дека тој тоа им го предложил на „соборците од опозицијата, но дека, освен професорот Слободан Самарџиќ, кој реагирал најрационално на предлогот, мнозинството не е подготвено ни да да размисли за тоа“.

Сепак, тој не може да каже што ќе се случи во наредните денови, иако „времето е кратко“.

Свесен за здравствените услови што не се поволни за изборите, Тадиќ истакна дека на граѓаните треба да им се каже дека опозицијата, за разлика од Вучиќ, не сака да го загрози нивното здравје, туку дека тие ќе ја водат кампањата, пред сѐ преку социјалните мрежи и видео-врските.

Осврнувајќи се на идејата за „Листа за бојкот“, тој прецизираше дека неговата намера е да понуди компромис со цел да се зачува единството на опозицијата, да се одржи идејата за бојкот, но и да се мобилизира делот на граѓаните кои не го разбираат концептот на бојкот.

Според толкувањето на Тадиќ, „бојкотот на парламентот е активна ситуација, додека бојкотот на изборите, бидејќи сè е готово, значи дека немате ништо повеќе за бојкот, бидејќи не сте во Собранието“.

Тој верува дека „тогаш, единствено што останува е улицата за којашто требаат маси граѓани, а не неколку стотици или илјада, онолку колку што излегоа да протестираат првиот ден по укинувањето на вонредната состојба“.

Ова покажува дека „луѓето сакаат да го надминат проблемот институционално, а не вонституционално“, објасни Тадиќ, но тој исто така истакна дека „Вучиќ никогаш нема мирно да ја напушти власта“.

„Природата на неговиот систем е арамиска и тој ќе го брани имотот што го ограбиле од граѓаните и државата“, тврди Тадиќ, кој верува дека „акумулацијата на помали победи“ е потребна за победа врз таков систем.

„Тоа го знаеме Зоран Живковиќ, Драгољуб Миќуновиќ и јас, кои останавме од времето на битката против Милошевиќ, го знаеме тоа, затоа што тој не беше соборен на 5 октомври“, оцени претседателот на СДС.

Како што објасни тој, таа победа се акумулирала од 9 март 1991 година, преку формирање на ДЕПОС, изборите во 1996 и 1997 година, до разни „судири“, а дури потоа следуваше и победата во 2000 година.

„Победата над Вучиќ подразбира политички процес“, оцени Тадиќ и истакна дека „Вучиќ не победува на парламентарните избори, туку на претседателските избори што следуваат“.

Според него, претседателските избори се точката во која се менува геометријата на политичката слика во Србија.

„Така беше и со Милошевиќ и Коштуница, и со мене и Николиќ, односно Вучиќ“, потсети Тадиќ.

Тој ги негираше написите дека неодамна се видел со советникот за национална безбедност на американскиот претседател, со кого наводно разговарал за тоа да биде стожер на собирањето на Демократската партија (ДС) и претседателски кандидат.

Како поранешен претседател, тој вели дека учествува на многу меѓународни форуми, но дека никогаш со никого не разговарал да биде стожер на опозицијата.

Тој наведува дека „повторното обединување на ДС нема крај, дека се одолговлекува како гладна година“ и смета дека Душан Петровиќ и Зоран Лутовац „го запреле тој процес“.

Како што вели, тие не биле искрени, затоа што не го спровеле договорот. Без ДС нема победа над Вучиќ, истакна Тадиќ и како наивни ги оцени оние што мислат дека тоа ќе го сторат „некои движења“.

Според зборовите на Тадиќ, на опозициската сцена до денес не е изградена „ниту една нова партија што има сериозна институционална организација, каква што има ДС“.

Таа е градена со години, потсети Тадиќ.

„Тоа е тешка работа, но без неа нема победа“, рече претседателот на СДС, „особено ако против вас имате организација од 750.000 корумпирани членови“.

„Платени силеџии, измамници и луѓе кои во меѓувреме стекнале капитал, а тоа е системот СНС“, заклучи Тадиќ. (ФоНет)