Бобан Алексоски, актер: Претставата „Дневникот на лудиот“ ја направивме со многу љубов и 500 денари


Луѓето се плашат да бидат искрени пред себеси, а кога конечно ќе се освестат остануваат без зборови. Токму човечката искреност ни беше водилка низ процесот додека ја подготвувавме монодрамата „Дневникот на лудиот“ по текст на Гогољ. Ова го вели младиот актер Бобан Алексоски, кој во среда тргнува на мини-турнеја низ девет града во земјава со „Дневникот на лудиот“ во режија на Ѓорги Ризески.
Алексоски доаѓа од Прилеп, дипломирал на ЕСРА пред пет години и додека ја чека својата „среќа“ да се вработи во некои од националните театри, тој твори на независната сцена.

Во меѓувреме, своето егзистенцијално прашање го „допингува“ со долгите смени во еден ноќен бар во Скопје, во кој повеќето од тамошните колеги се исто – актери.
„Дневникот на лудиот“ премиерно се одигра во 2017 година, а в среда ќе ја има својата 12. изведба во театарот на „Сенки и облаци“ со почеток во 20 часот.
Покрај Скопје, монодрамата ќе гостува во девет града низ земјава (Велес, Штип, Куманово, Кавадарци, Охрид, Дојран, Валандово, Богданци и Кочани), како дел од проектот „Нов културен бран“ на Министерството за култура со поддршка од 40 илјади денари. До крајот на годинава предвидени се 22 изведби.

„Дневникот на лудиот“ во овие две години гостуваше на четири фестивали и освои три награди, две во Тирана за најдобра актерска игра и најдобра режија и една за најдобра актерска игра во Скопје на фестивалот „Лица без маски“.

– Многу е нежна и тажна темата. Нежноста ја поставивме ние бидејќи внимававме на чувствителноста на ликот. Сета шизофрена болка на ликот е пред очи на публиката бидејќи е камерна претстава. Иако таквите ликови се во установи, но публиката може да се препознава во неговите постапки. Луѓето не се искрени кон себеси, а во моментот кога ќе се свестат остануваат без зборови. Тоа нè водеше низ целиот процес – вели Алексоски.

Претставата е еден вид интерактивна анализа врз публиката. Секоја изведба е различна, во зависност од енергијата што публиката ја нуди и какви одговори ќе понуди бидејќи се постојано прашувани.

– Луѓето вообичаено не сакаат шеги на сопствена сметка, но кога би го правеле тоа ќе бидат поискрени и со другите. Претставата е таква што постојано ја чува будна публиката и од неа се очекуваат одговори. Секој еден во публиката е важен и ниту еден не е изоставен. Досега не се случило крајот да биде поинаков, иако таквите претстави со различни краеви се модерни во денешно време – вели Алексоски.
„Дневникот на лудиот“, освен во Скопје, досега се одигра и во Прилеп и Битола, а реакциите на публиката се различни секаде.

– Во Прилеп ја сфатија повеќе како комедија, можеби затоа што прилепчани се познати по мајтапот, а во Битола, пак, нè гледаше постручна публика, па од друг аспект ја гледаше претставата. Во Тирана ја игравме без превод, а публиката иако не го разбира јазикот остана до крај и соработуваше. За моја среќа имаше двајца Босанци со кои можев да комуницирам, па на крајот бевме и наградени – вели Алексоски.

Тој повеќе работи на ангажирани теми и проекти кои се дел од независната сцена, за која смета дека сè уште е на маргините.

– Доколку би се давале буџетски пари за независната сцена, таа нема да биде независна. Но сметам дека треба да има некаков начин на финансирање, за да ни биде олеснето творењето. Овој проект од „Новиот културен бран“ е првиот што сум го добил со поддршка од државата. За наша среќа, оваа претстава продава и постојано има интерес за неа, иако не можеме да кажеме дека сме заработиле од неа бидејќи не ја правевме со таква цел. Со режисерот Ризески буквално вложивме страст, љубов и желба кон театарот и скромни 500 денари, за да ја направиме претставата – раскажува Алексоски.

На прашањето што мисли за транспарентноста при објавувањето на конкурси за вработување во националните театри, Алексоски смета дека повеќе се на пријателска база.

– Прво, имам проблем да ги најдам каде се објавени, со чест на исклучоците, има театри што конкурсите ги објавуваат на своите веб-страници и во тој случај ги дознаваме. Во пракса, огласите за вработување ги дознаваме меѓусебно од колеги актери, но најчесто тие вработувања се веќе договорени. Без да ми замерат колегите, повеќето се професионалци и си ја вршат работата како што треба, но има негативни исклучоци кои ни прават ѕид на нас младите актери – вели Алексоски.

Додава дека подолг период беа потценувани оние што завршуваат на ЕСРА, но Алексоски смета дека уметноста не се учи од книга, туку од влогот што сам ќе си го дадеш.

– Многумина од повозрасните колеги, кои се и на раководни функции, се со став дека ние од ЕСРА сме различни од оние на ФДУ. Но мислам дека веќе тој став се урива и е јасно дека не е така. Кој колку ќе научи, зависи исклучиво од себе и од тоа колку ќе вложиш во себе – вели Алексоски.

Во врска транспарентноста за кастинзите за снимање филмови и серии смета дека тоа е затворен круг.

– Кога се работи за филм, го почитувам тоа бидејќи се работи за фаца, карактер, а тоа е важно кога се работи со камера. Во тој случај за еден лик ќе повикаат петмина и тоа е во ред. Се јавувам и на големи кастинзи, но одам со многу помала надеж, затоа што не ми се случило да ме изберат. Снимав за македонските народни приказни и тоа ТВ-снимање го сакам на различен начин од театарот. Таму е возбудлив начинот на снимање. Во однос на театарските кастинзи, пак, претежно поделата е во самиот театар. Големи кастинзи претежно прават странските режисери кои гостуваат – вели Алексоски.

Ивана Настеска