Блиц-кригот на Зоран Милановиќ

И покрај мислењето дека и левицата и десницата се подеднакви арамии, десницата секогаш беше неспоредливо полоша. Ниту ХДЗ на Туѓман во 1999 година ниту на Санадер во 2011 година не заслужија да ја загубат власта колку што заслужи ХДЗ на Андреј Пленковиќ во 2024 година. Но, дали е тоа причина да се фрлиме во прегратките на Зоран Милановиќ?


Никој во Хрватска никогаш не се подготвил така за изборите како Андреј Пленковиќ. Кој било во последните шест месеци се јави дека нема, дека е гол сиромав, лекари, судии, учители, пензионери, Пленковиќ ги повикуваше со показалецот. „Дојди да ти даде чичко нешто“. Застануваше со неколку големи банкноти над џебот на оној што дојде да го моли и со сугестивен глас го праша: „Кажи ми, за кого ќе гласаш тогаш?“ „За ХДЗ“, послушно ќе шепнеше тој, немирно зјапајќи во врвовите на чевлите. „Добро момче“, ќе го пофалеше Пленковиќ, ќе го тапкаше по тиквата и ќе му тутнеше пари.

За уште еден мандат како премиер тој не жалеше што посегна во државната каса полна со добри економски можности. За да ги смири сите бунтовници, како пијаница им делеше пари на тамбурашите. И тој очигледно беше задоволен од тоа колку е умен, лукав, колку внимателно планираше сè. Изразот на лицето на Пленковиќ оддавеше човек на кого во љубовта му цвета сѐ. Кој најубавите денови од својот живот ги живееше во среќна врска со самиот себе. На конгресот на Европската народна партија во Букурешт неодамна дојде насмеан и полн со самодоверба и од говорницата се пофали дека сигурно победува на изборите, а Урсула фон дер Лајен, која го обожава како тинејџерка, скокна од нејзиниот стол со насолзени очи и екстатично му аплаудираше.

И да, уште еден детал, многу важен за триумфот: француските борбени авиони „Рафал“. Користена, но уште во добра состојба, гаражирани, од прв сопственик. Пленковиќ купи моќни воени машини за да им покаже на сите, особено на Александар Вучиќ, која е регионалната воена сила и што е уште поважно, да ја преплаши опозицијата во Хрватска. Таканаречените домашни предавници. Поради тоа пристигнувањето на првите шест авиони, вооружени со ракети и митралези со голем калибар, беше планирано пред изборите, да летаат низ нашиот воздушен простор со најголема можна брзина и да направат заглушувачки татнеж горе во синилото, а граѓаните долу на гласачките места со восхитувачки да мислат: „Ај, ти ебам сликата своја, ХДЗ го пробива звучниот ѕид!“

Накратко, немаше изненадувања во целата оваа работа. ХДЗ убедливо водеше на сите предизборни анкети. Дури и на ретките ненаместени. Неговата конкуренција беше грст мизерија. Анализите беа немилосрдни и ако се обедини целата хетерогена опозициска толпа, ако по некое неверојатно чудо се формираше широк фронт на левичари, пацифисти, атеисти и оние кои се загрижени за климатските промени, со десничари, усташи, аниваксери и хомофоби, Пленковиќ пак би ги згазил. Неговата победа беше сигурна, како она кога другарите ловџии му носеа мечка во кафез на другарот Тито за да ја застрела.

Барем така изгледаше, мрачно предвидливо и невозбудливо до петокот попладне, кога се случи Зоран Милановиќ. Застана пред микрофоните и го исфрли кажаното, како Максим по дивизија, неумерено и диво, по негов обичај, со низа интересни и духовити навреди кон владејачката партија и нејзиниот сакан лидер. Претседателско право е на Милановиќ да го одреди датумот на изборите, а тој подло го искористи за да ги одреди порано, веќе кон средината на следниот месец, пред да пристигнат француските авиони во Хрватска, а тој исто така одлучи да биде среда на седумнаесетти, да се обесхрабри херцеговската хадезеовска збирштина што ќе дојде преку граница со автобус иза да гласа.

Судот на Уставниот суд

Сепак, најмоќниот удар, експлозијата на атомската бомба и огромната, заслепувачка белина од која Андреј Пленковиќ сѐ уште е замаен, четири дена подоцна, беше најавата на Милановиќ дека лично ќе му се спротивстави и ќе му ја одземе премиерската функција.

Само што го кажа тоа, ХДЗ во предизборните анкети пропадна во бездна.

Целиот викенд во Хрватска беше хаос. Членовите и симпатизерите на владејачката партија се мачеа да останат во победничко расположение, но зад нивните згрчени насмевки беше јасно дека минуваат низ агонија. Се обидоа да ја исмеваат амбицијата на Милановиќ, но сè изгледаше изнудено, жално и килаво. Притоа се јавуваа правни експерти кои многу убедливо, мора да се признае, толкуваа дека претседателот не може да учествува на изборите. Сите нестрпливо чекаа што ќе каже Уставниот суд за овој невиден случај, иако се знаеше што ќе кажат. Кога не знае што да прави, а сиромавиот обично не знае, претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, прави онака како што ќе му нареди Андреј Пленковиќ.

Очекувано, Милановиќ доби забрана да се кандидира. Уште поочекувано, нему му е гајле за таа забрана. До седумнаесетти април ќе продолжи да ја обиколува земјата и сосема слободно да ги нарекува хадезеовците глупави, гангстери, неписмени, малоумни, корумпирани, што ќе му падне на памет, а неговата фантазија е неисцрпна во таквите погани работии, а во на крајот лесно би можел да успее. Неговото име нема да стои на гласачкото ливче, но граѓаните ќе знаат која неговата листа. Ќе гласаат за сениште кое невидливо ќе лебди над изборите.

Сосема е можно тоа сениште повторно да биде наш премиер, но многумина од нас не се сигурни дали треба да се радуваме на тоа. Од една страна, Андреј Пленковиќ по осум години стана целосно неподнослив. Всушност, одвратен. Дрскоста со која ги штитеше криминалците во низа афери, а во исто време ги ослабуваше силите на редот и законот, поставувајќи срамни никаквеци на високи владини позиции кои попрво би требало да бидат во затвор, за последица имаше дека овде се краде повеќе од кога било.. Ниту ХДЗ на Туѓман во 1999 година, ниту ХДЗ на Санадер во 2011 година не заслужија да ја загубат власта толку многу како ХДЗ на Андреј Пленковиќ во пролетта 2024 година.

Но, дали е тоа причина да се фрлиме во прегратките на Зоран Милановиќ? И тој и неговите есдепеовски соработници, мора искрено да се каже, се неспоредливо поискрени. И покрај мислењето на мнозинството дека и во левицата и во десницата има подеднакво арамии, десницата секогаш била неспоредливо полоша. Никој овде не нѐ направи помизерни од патриотите кои се фаќаат за срцето кога се свири химната.

Маката со Милановиќ е друга. Во четирите години колку што е претседател, во странскиот печат него го фалеа само во некои весници под контрола на Владимир Владимирович Путин, а негов најголем дипломатски подвиг беше скарата во Лакташи. Искрено, повеќе би сакал да ја пикнам раката во хидраулична преса со голема сила отколку со неа повторно да гласам за еден идиот што јадеше печен џигер со Милорад Додик.

(Анте Томиќ е хрватски писател и новинар. Текстот е објавен белградскиот магазин „Радар“.)