„Блиц“ го објави нон-пејперот на Јанша: Голема Србија и поголема Албанија


Во анкетата партијата на јанез Јанша, СДС, има поддршка од 13,7%, што е за 3,2 процентни поени помалку од декември

Српски „Блиц“ објави детали за словенечкиот нон-пејпер што го крена на нозе целиот Балкан, а во кој се зборува за идеите за распарчување на Босна и Херцеговина, за пристапувањето на Република Српска на Србија и за обединувањето на Косово со Албанија, т.е. создавање на „Голема Србија“ и „Голема Албанија“. Во документот не се споменува припојување на дел од Македонија кон Албанија, иако некои медиуми кај нас објавија такви мапи известувајќи за документот. 

Во воведот на овој документ, како што објави порталот Кликс.ба, се споменуваат „нерешени национални прашања на Србите, Албанците и Хрватите“, кои се појавија по распадот на Југославија. Авторите на документот посочуваат дека дури и по воспоставувањето на мирот по завршувањето на војните, по ветените европски перспективи и напредокот на Северна Македонија и Црна Гора, „клучните прашања остануваат нерешени“.

Нерешени прашања според нон пејперот се:

-Дека Дејтонскиот договор од 1995 година, со кој се стави крај на војната во Босна и Херцеговина која однесе повеќе од 100.000 животи, практично го признава постигнатото во војната, но не во принцип.

-Дека во моментов е тешко да се замислат европските перспективи на Србија и Косово.

-Дека членството на БиХ во ЕУ може целосно да се исклучи.

-Дека во меѓувреме празниот простор го користи Турција, која го зголеми своето влијание во БиХ и Северна Македонија.

-Дека освен Турција, неколку локални политичари и нивни поддржувачи, кои лично имаат корист од хаосот и нефункционалните институции, никој не е задоволен од ситуацијата во БиХ.

Клучен дел од „нон-пејперот“ се предложените „решенија“ за проблемите опишани погоре. Авторите на документот нагласуваат дека Србија, Хрватска и Албанија во моментов имаат стабилни влади и дека нивните избрани политичари се способни да донесуваат стратешки одлуки. Предложени се следниве решенија:

-Обединување на Косово и Албанија. “На Косово, 95 проценти од населението сака да се обедини со оригиналната албанска нација. Слична е ситуацијата и во Албанија. Границата помеѓу Албанија (членка на НАТО) и Косово е практично непостоечка. Српскиот дел на Косово ќе добие специјален статус – моделиран според Јужен Тирол, се наведува во документот. Тоа е автономна покраина во северна Италија, каде мнозинството од населението зборува германски.

-Обединување на поголемиот дел од територијата на Република Српска со Србија. “Српското национално прашање во голема мера може да се реши со припојување на дел од Република Српска кон Србија. Во овој случај, Србија е подготвена да се согласи на обединување на Косово и Албанија”, се вели во документот.

-Хрватското национално прашање може да се реши со спојување на повеќето хрватски кантони во БиХ со Хрватска или со давање посебен статус на хрватскиот дел на БиХ (по примерот на Јужен Тирол). „Ова ќе им даде на Бошњаците независна функционална држава и ќе преземат целосна одговорност за неа. На референдум, луѓето ќе одлучат дали да се приклучат на ЕУ или за иднина без ЕУ (по примерот на Турција.) Засега, огромното мнозинство на Бошњаците ја поддржуваат перспективата во ЕУ. Но, со турското влијание и радикалниот ислам, ситуацијата може да се влоши драстично во следната деценија “.

Според авторите на „нон-пејперот“, овие „решенија“ би ги забрзале преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО.Но, ова се предлози на кои силно се спротивставуваат во САД, Германија, Франција и другите европски земји. Имено, меѓународната заедница ја нагласува важноста на територијалниот интегритет на БиХ и се спротивставува на ново разграничување на границите во поранешна Југославија. Тоа би ја отворило кутијата на Пандора и веројатно ќе доведе до нови војни.  Зеленото светло за распад на Босна и Херцеговина и за обединување на Косово со Албанија ќе им даде нов поттик на српските националисти во Црна Гора и на албанските националисти во Северна Македонија, две членки на НАТО.

Од понеделникот во регионот  се зборува за тоа дали премиерот на Словенија, Јанез Јанша, навистина испратил неофицијален дипломатски документ до Брисел, во кој се зборува за новото цртање на границите на територијата на поранешна Југославија. Прес-службата на претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, прво потврди, а потоа брзо негираше дека го добиле документот. Но, како што откри словенечкиот портал Нецензуриран, неофицијален дипломатски документ всушност постои.Според нивните информации, документот се вика „Западен Балкан – патот напред“ и тој беше примен од кабинетот на Шарл Мишел во февруари. Порталот понатаму наведува дека официјално не е можно да се знае кој го напишал. Како што истакнуваат, тоа секако не е скроено во Министерството за надворешни работи на Словенија.

Според некои информации, дел од неговата содржина може да биде напишана во Будимпешта. Меѓутоа, во дипломатските кругови во Брисел, тој се нарекува „словенски“ документ бидејќи кабинетот на Јанша, наводно, учествувал во испраќањето на разни адреси. Јанша го негираше постоењето на документот и рече дека „било тешко да му се предаде нешто на Мишел во февруари или март, бидејќи последен пат се сретнал со него минатата година“.

Но, како што пишуваат словенечките медиуми, постојат многу начини на кои документот можел да стигне до Брисел. На пример, во средината на февруари, Мишел присуствуваше на состанок во Полска по повод 30-годишнината од формирањето на Вишеградската група, на кој присуствуваше и унгарскиот премиер Виктор Орбан, најблискиот политички сојузник на Јанша во ЕУ.

Фактот дека документот говори за поделба на БиХ фрла ново светло на посетата на претседателот  Борут Пахор на оваа земја на 5 март кој таму запрашал за можен „мирен распад“ во БиХ. Кабинетот на Пахор подоцна тврдеше дека претседателот на Словенија се спротивставил на идејата за распаѓање на БиХ.

Во документот се зборува и за идните „чекори“. Поточно, за негова „тивка“ верификација со носителите на одлуки во регионот и во меѓународната заедница дали планот може да се спроведе. Доколку се покаже дека не може да се постигне договор, документот ќе го задржи својот статус „нон-пејпер“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен исто така навести во март дека предлози за цртање нови граници на Балканот интензивно се разгледуваат низ различни канали. Во раното писмо до претседателството на БиХ на почетокот на април тој ја отфрли можноста за разговори за радикални промени во Дејтонскиот договор.

Вчера министерот за надворешни работи Анже Логар изјави  дека стратегијата на Словенија кон Западен Балкан не е променета. Но, има сè повеќе знаци на нов пресврт во словенечката надворешна политика. Во последните месеци имало дури три „не-документи“ за БиХ, во кои Словенија учествувала на еден или друг начин. Логар вчера го потврди постоењето на еден од овие документи. Тоа е дипломатска иницијатива за БиХ започната од средината на март од страна на Хрватска, а на неа се приклучила и Словенија. Со овој документ Загреб продолжува со обидите да добие европска поддршка за измена на изборното законодавство во БиХ кое во голема мера ќе олесни изборот на хрватскиот член на претседателството на БиХ да биде прилагоден на Загреб.Тоа е неофицијален дипломатски документ што ќе биде основа за дискусија за БиХ на следниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ за Западен Балкан.

Со приклучувањето кон хрватската дипломатска иницијатива Словенија дополнително се дистанцираше од најголемите земји на ЕУ. Покрај  од Унгарија, таа иницијатива беше поддржана само од три православни земји: Грција, Бугарија и Кипар. Првите две имаат свои интереси во прашањето за Северна Македонија, особено во однос на условите за  нејзино натамошно влегување во европска интеграција. Русија, клучен политички сојузник на српскиот член на претседателството на БиХ, Милорад Додик, исто така е за промена на изборното законодавство во БиХ во корист на Загреб. Тој отворено зборува за пристапувањето на Република Српска кон Србија.

Во последните неколку недели, владата на Андреј Пленковиќ ги убедува своите колеги во ЕУ дека овие измени на изборното законодавство во БиХ се важни за нејзините евро-атлантски интеграции и безбедност. Но, критичарите во дипломатските кругови предупредуваат дека таквата промена во изборниот закон сериозно ќе го стави под прашалник договорот со кој се стави крај на војната во БиХ во 1995 година. Со тој договор БиХ беше основана како единствена држава во границите на поранешната република со два ентитета. Новото изборно законодавство ќе биде првиот чекор кон создавање на трет субјект во БиХ, што би било спротивно на Дејтонскиот договор.  Во претседателството на БиХ, така би имало мнозинство кандидати по волја на Белград и Загреб. Сето ова ќе им даде нов поттик на иницијативите за отцепување на Република Српска, што ќе доведе до распад на БиХ, на српските националисти во Црна Гора, на албански националисти во Северна Македонија и на идеи за припојување на северниот дел на Косово кон Србија.

Не е јасно, сепак, зошто Словенија се приклучи на иницијативата на Хрватска, која има силни национални интереси во БиХ, само три месеци пред претседателството со ЕУ. Особено што Словенија со Хрватска има уште неколку отворени прашања, за кои се води арбитража. Дури и за прашањето како најновите надворешно-политички маневри се во согласност со интересите на нашата земја  – сè уште нема одговор.

Од сето ова произлегува дека плановите и политиките на Фрањо Туѓман  и на Слободан Милошевиќ не се мртви и дека тие што го почнаа распаѓањето на бивша Југославија сега сакаат да го дозавршат замаскирани како земји членки на Европската унија, а помогнати од исто такви маргинални земји членки на ЕУ од регионот. (Н.В.)