Блер негира дека имал улога во одредувањето на цената за членство во „Одборот за мир“


Поранешниот британски премиер Тони Блер негираше дека имал каква било улога во одредувањето на цената од 1 милијарда долари за земјите кои сакаат трајно да се приклучат на новиот „Одбор за мир“ (БММ) на американскиот претседател Доналд Трамп.

Одборот за мир во Газа ќе биде задолжен да го надгледува спроведувањето на втората фаза од планот за завршување на војната во окупираната палестинска енклава, а во нацрт-основачката повелба се наведува дека секоја земја-членка ќе служи максимум три години, додека членовите кои ќе платат 1 милијарда долари ќе добијат постојано членство.

Портпаролката на Блер, кој беше избран во основачкиот извршен комитет на БММ, на прашањето дали е свесен за цената на трајното членство, рече дека Блер не бил вклучен во одредувањето на цената на членството во Одборот за мир.

Блумберг: Трамп бара милијарда долари за постојано членство во „Одборот за мир“

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп сака земјите да платат милијарда долари за да останат во неговиот Одбор за мир, објави „Блумберг њуз“, повикувајќи се на нацрт-повелбата за основање на телото, за која дел од американските медиуми тврдат дека е наменета како алтернатива на ОН.

Формирањето на Одборот за мир беше објавено оваа недела, неколку месеци по постигнувањето на кревко примирје во Газа, како тело што ќе ја надгледува демилитаризацијата и реконструкцијата на Газа, како и воспоставување преодна палестинска влада. Сепак, врз основа на нацрт-повелбата, американските медиуми сега пишуваат дека Трамп го замислувал одборот како институција со пошироки овластувања, еден вид алтернатива на ОН, организација која тој долго време ја критикува.

„Голема чест е да се објави дека е основан ОДБОР ЗА МИР. Неговите членови ќе бидат објавени наскоро, но можам со сигурност да кажам дека тоа е најдобриот и најпрестижниот одбор што некогаш е формиран некаде“, напиша Трамп во петокот на својата социјална мрежа Truth Social.

Блумберг пишува дека одборот е опишан во повелбата како „меѓународна организација чија цел е да промовира стабилност, да воспостави сигурно и законско управување и да обезбеди траен мир во областите погодени од или загрозени од конфликт“.

Атлантик пишува дека повеќе информации ќе бидат објавени на претстојниот Светски економски форум во Давос, што почнува в понеделник. Американскиот претседател објави дека одборот ќе го сочинуваат „најважните лидери на најважните нации“.

Блумберг пишува дека Трамп ќе биде негов инаугуративен претседател и ќе одлучи кој е член, а секоја држава ќе учествува во работата на тоа тело не подолго од три години од стапувањето во сила на повелбата, освен ако не плати милијарда долари.

Одлуките ќе се донесуваат со глас на мнозинството држави, но со потврда од претседателот на тоа тело, објавуваат американските медиуми.

Белата куќа изјави дека извештајот на Блумберг е погрешен и нагласи дека нема цена за приклучување кон одборот. „Тоа едноставно обезбедува трајно членство на партнерските нации кои покажуваат длабока посветеност на мирот, безбедноста и просперитетот“, објави Белата куќа на  X.