Бјелогрлиќ ги спои Констракта и Мањифико за музиката во новиот филм
Специјално за новиот филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“, креативната музичка синергија ја обединија Ана Ѓуриќ Констракта и словенечкиот кантавтор Роберт Пешут Мањифико, кои заедно ја потпишаа песната „Пат“(Пут). Оваа песна е специјално направена за потребите на филмот и публиката првпат ќе може да ја слушне на фестивалите во Локарно и Сараево, каде што овој филм е вклучен во фестивалската програма.
– Идејата на Драган Бјелогрлиќ беше да ги собере Мањифик и мене за последната песна на филмот. Благодарна сум му за таа можност. Песната излегува од поп-формата и е подредена на филмот, но има своја независност. Нормално не ги слушам песните што ги пеам, но оваа ми е на списокот – изјави Ана Ѓуриќ Констракта.
„Пат“ е инспирирана од вистинската приказна за несреќата во Винча во 1958 година и човечките судбини кои се прикажани во овој филм според бестселерот „Случајот Винча“ на Горан Милашиновиќ.
– Повторно се заљубив во филмот затоа што ми даде можност да создадам музика што инаку не би ја направил. Создавам музика што не може да се стави на топ листите или да се пушти на радио. Секогаш ми се случувало таа музика да си најде ново место и да излезе од кутијата. И не можам да побегнам од себе, бидејќи пред се сум композитор на песни, а не на применета музика. Создавам од друга, моја, авторска гледна точка, што понекогаш можеби не е добро за филмот. Затоа не работам со многу режисери. Главно со Бјелогрлиќ затоа што му се допаѓаат моите дела – изјави Роберт Пешут Мањифико за „Политика“, кој е запаметен и по популарните песни од филмовите „Монтевидео“, „Сенки над Балканот“,„Вера“ …
Во насловните улоги на филмот „Чувари на формулата“ ќе ги видиме Радивој Раша Буквиќ, како и познатите француски актери Алексис Маненти, Оливие Бартелеми и Ана Сара. Директорот на институтот „Винча“, Павел Савиќ, ќе го игра Предраг Мики Манојловиќ, а шефот на државната безбедност на СФРЈ, Лека Ранковиќ, Драган Бјелогрлиќ. Улогите на млади југословенски научници режисерот им ги додели на Јован Јовановиќ, Алиса Радаковиќ и Огњен Миќовиќ.
Оваа уникатна приказна е напишана од Вук Ршумовиќ со Огњен Свиличиќ и Драган Бјелогриќ како ко-сценаристи. Авторскиот тим, предводен од Бјелогрлиќ како режисер, го сочинуваат директорот на фотографија Иван Костиќ, монтажерката Милена Предиќ, сценографите Јелена Шопиќ и Јована Цветковиќ, костимографот Марина Вукасовиќ Меденица, композиторот Александар Ранѓеловиќ, а потпис на извршната продукција е Горанје Блогиќ.
Филмот „Чувари на формулата“ светската премиера ќе ја има на еден од најголемите европски филмски фестивали во Локарно на 4 август, а потоа ќе биде прикажан на 15 август како дел од главната програма на 29. Сараевски филмски фестивал. (Политика)