Битолските кандидати ветуваат работи за екологијата и кои не се нивна надлежност
Од филтри на РЕК „Битола“ до јавно претпријатие за хортикултура, ветуваат кандидатите за градоначалник на Битола

БИТОЛА – Поставување филтри на оџаците на РЕК „Битола“, субвенционирање на електричната енергија за битолчани како компензација за работењето на термоелектраната, до забрана за палење на депонии, ова се само дел од ветувањата на кандидатите за градоначалник на Битола за претстојните избори на тема екологија, чист воздух, отпад…
Најголем дел од нивните ветување се очигледно непознавање на темата екологија, на ингеренциите на општината, на законските нормативи, што само по себе зборува колку кандидатите ја познаваат работата на локалната самоуправа за која претендираат. Дел од кандидатите се додворуваат на гласачите со најжешката политичка тема за годинава во Битола, а тоа е регионална депонија за 18 општини во Пелагонија, иако некои од нив како учесници во досегашниот Совет гласа „за“.
„Во пресрет на изборите, врз основа на објавените изборни програми и дадените изјави во медиумите и социјалните мрежи, изработивме компаративна анализа на изборните програми на кандидатите за градоначалници за вклученоста на еколошките теми. Анализирани се шест области, односно застапеност на мерки и предлози за решавање на проблемите. Преку анализата, секој граѓанин на Битола, ќе може да направи споредба на изборните програми меѓу кандидатите за градоначалници и нивните мерки и предлози во решавањето на еколошките проблеми во општината“, изјавија од Регионално географско друштво „Геосфера“.
Од осумте кандидати за градоначалник на Битола само шест дале одговори на тема екологија.
Мирјана Мирчевски од Македонска ера трета и независниот кандидат Зоран Николовски поддржан од Левица, ветуваат филтри на оџаците на РЕК „Битола“, а кандидатката Мирчески уште ветува и редовна контрола на филтер станиците и забрана за палење на депониите со отпад.
Кандидатката на „Поинаку“, Габриела Илиевска ќе бара поевтина струја за битолчани, додека кандидатот на СДСМ, Методија Куновски проширување на топлификацискиот систем за Битола кој ќе ја користи топлинската енергија од РЕК „Битола“ и ветување за покривање на трошоци за филтри на оџаци кои согоруваат дрва.
Актулениот градоначалник Тони Коњановски и кандидат за втор мандат, ветува субвенции за битолчани за поставување соларни колектори за топла вода и плус фотоволтаици за домаќинствата. За почист воздух ветува и законски мерки во деновите кога загадувањето е над дозволените граници да се намали учеството на возилата во сообраќајот и да се користи јавниот градски превоз.
На тема почист воздух Ќире Димов од ТМРО ветува воведување еколошка такса за најголемите загадувачи во Битола.
На тема чиста вода според анализата се изјасниле само тројца кандидати без посериозен осврт на ситуацијата со сушата и кризата за вода. Битола ова лето заради долгите сушни периоди имаше проблеми во водоснабдувањето, најчесто со намален притисок на вода за колективните згради, па јавното претпријатие апелираше до битолчани дека вода има сѐ помалку, да не се користи за миење на дворови и наводнување на бавчи. Куновски од СДСМ ветува покривање на сите населби со чиста вода и намалување на загубите во водоводите, како и решавање на проблемот со водата и канализацијата во Потпелистерието. Независниот кандидат Николовски ќе бара да се донесе закон за бушотини на вода за секој земјоделец. Додека кандидатот Коњановски ветува нов цевковод со поголем капацитет за испумпување поголема количина вода во градот.
На темата отпад, најголем дел од кандидатите за градоначалник во анализата се обидуваат да ќарат поени кај гласачите со тоа што се против депонија во Пелагонија за 18 општини, иако има такви кои гласаа „за“ проекетот за депонија во Пелагонија во февруари годинава како советници во досегашниот Совет на Битола.
Независната Габриела Илиевска, досегашен претседаел на Советот на Општина Битола, иако првично гласаше за дел од точките кои значеа отпочнување на проектот за депонија за 18 општини во Новаци, сега според анализата на „Геосфера“ е за формирање на современа депонија само за општините Битола, Новаци и Могила.
Изрично против регионална депонија за 18 општини е кандидатката на Македонска ера трета Мирчески, а категоричен против депонија е и независниот кандидат Николовски, поддржан од Левица. Кандидатот на СДСМ, Куновски, чии советници претходно гласаа за депонија, сега ветува фабрика за селекција, реупотреба и рециклирање на неоргански комунален отпад и третман на биоразградлив отпад.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Коњановски ветува услови за селектирање на отпадот проследени со соодветна едукација и медиумска поддршка. Ќире Димов од ТМРО ветува центар за рециклирање на отпадот.
На тема урбана мобилност и зеленило дел од кандидатите ветуваат нови велосипедски патеки покрај сега изградените кои се во должина од пет километри. Изнајмување на велосипеди преку СМС пораки, енергетски ефикасен јавен транспорт, па дури и бесплатен јавен превоз за сите битолчани.
Кандидатите ветуваа град со многу паркови и цвеќиња, а еден има идеја да се формира ново јавно претпријатие во Битола за „Хортикултура и пејсажна архитектура“.