Битола може да се грее и од отпадните води на пречистителната станица

Отпадната вода од пречистителната станица да може да се искористи како енергетски извор во комбинација со големи топлински пумпи и соларни системи


Битола (Фото: Б. Грданоски)

 

БИТОЛА – Битола е во завршна фаза на изградбата на топловодот и после 13-14 години дел од институции во градот ќе добијат греење. Топловодот зависи од енергијата од РЕК „Битола“.

Градот под Пелистер е пред нов и голем предизвик, а тоа е како да се обезбеди континуиран извор на енергија за топлификацијата, бидејќи РЕК „Битола“ е на крајот од својот живот век со користење на јаглен, а топлификацијата  е на својот почетен животен век и целта е да функционира уште најмалку половина век.  

Едно од можните решенија е обновливите извори на енергија, односно нов извор на енергија да биде отпадната вода од пречистителната станица во Битола. Проект кој е на почеток и кој ќе значи енергија за целиот град. Иако на прв поглед изгледа неверојатно, но експертите од „Еко ресет“ од Битола – Швеѓанецот  д-р Нелсон Сомерфелдт и битолчанецот Горан Неделков – даваат решение за греење на Битола од отпадните води од новата прочистителна станица во комбинација со големи топлински пумпи и соларни системи.

„Сега топловодот ќе ја користи таканаречената ‘валкана’ енергија од РЕК ‘Битола%,  валкана заради јагленот, но со изградбата на пречисттелната станица и со инсталирање на големи топлински пумпи може да се добие чиста енергија. На овој начин би имале ефикасен и еколошки топлификациски систем.“, изјави во разговор за „Апла“ д-р Сомерфелдт.

Експертите велат – резултатот: отпадната вода од пречистителната станица да може да се искористи како енергетски извор во комбинација со големи топлински пумпи и соларни системи е одлична можност за намалување на емисијата на штетни гасови.

„Искористување на енергијата од водата во Битола за потребите на топлификацискиот систем е можно да се изведе на неколку места од кои најповолни се во делот на пречистителната станица и во делот на ‘РЕК’ Битола и тоа да биде со примена на  топлински пумпи. За подобро да разберат граѓаните, топлинските пумпи граѓаните ги имаат дома во облик на климатизери, но овде се работи за големи топлински пумпи кои ќе бидат поставени во делот на пречистителната станица или во РЕК ‘Битола’ и ќе бидат значително поефикасни отколку како што е моменталната ситуација“, објаснува д-р Сомерфелдт.  

Според шведскиот експерт добро е да почне топлификациониот систем да работи со неколку објакти во градот, за граѓаните да видат дека тоа функционира и потоа ќе се прошири користењето на системот. Па вели дека постојат два начини со кои ќе може да се користи енергијата од прочистителната станица, едниот дел е произведување на биогас кој е во помала количина, другиот дел е со користење на водата како добар извор за топлинските пумпи.

Во Министерството за животна средина и просторно планирање, се одржа првиот состанок на управувачкиот комитет кој ја следи реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води и реконструкција на канализациската мрежа во Битола.

„На состанокот беа презентирани тековниот статус и напредокот на проектот, кој во моментот е во фаза на идеен проект за пречистителната станица кој веќе е и доставен од страна на Изведувачот до Надзорот. Се разговараше за предизвиците кои стојат пред проектот во наредната фаза, како што се Основниот проект, организацијата на градилиштето, мобилизацијата, безбедносни прашања на градилиштето, како и квалитетот на работата“, објави Општина Битола.

На почетокот на 2025 година, претставници од „Еко ресет“ и македонски енергетски компании беа во Стокхолм, каде ја посетија топланата на фирмата  Stockholm Exergi во која ги има едни од најголемите топлински пумпи за топлификациони системи во светот– кои користат енергија од водата од пречистителната станица. За загревање на илјадници домаќинства.

Горан Неделков, консултант за инженеринг на енергетски системи, вели дека нискотемпературните системи за греење во голема мера се применуваат во топлификациските системи во развиените земји и резултираат со поголема конкурентност и атрактивност на истите.

„Што се однесува на користењето на водата од пречистителната станица како енергетски извор е карактеристично по тоа што  водата после пречистителната станица има параметри кои резултираат со значително повисок коефициент на перформанси на топлинските пумпи и поевтино централно греење“, вели Неделков.

Но експертите велат: за Битола да го следи овој пример, потребна е институционална соработка и поддршка со цел обезбедување на финансии и грантови за изградба на топловод кој би ја поврзал пречистителната станица со топлификациската мрежа.