Битка за секој вработен

Многумина од стопанствениците посочуваат дека одливот на работна сила станува сѐ поголем проблем и дека водат битка за секој вработен, иако замените (ако ги најдат) најчесто ги чинат поскапо, а за возврат добиваат послаб квалитет


Проблемот со наоѓање квалификувани и квалитетни работници станува сѐ поизразен, а како што стојат работите, тој допрва ќе се заострува. Тоа го посочуваат и работодавците, но и отворените огласи за вработување кои што не можат да се пополнат. А, дека проблемот ќе станува поголем, го навестуваат и информациите за бројот на запишани првоодделенци, кој е помал за седум до десет отсто, па дури до 40 отсто, како што е на пример во Прилеп, и кол не е последица само на намалениот наталитет, туку и на заминувањето на најпродуктивното население од земјава.

Човечкиот капитал е највредното нешто што може да го поседува некоја економија. Но, не било каков, туку образуван и квалификуван, кој ќе може да придонесе за развојот на економијата.

Тоа ќе го потврди секој економист, а тоа го нагласи неодамна и професорот Даниел Шехтман, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2011 година, кој на предавање во Скопје рече дека највредниот ресурс не е златото во планините, ниту минералите, туку човековата генијалност, нагласувајќи ја неопходноста од квалитетно образование. Бидејќи, како што посочи, „и необразованите ќе најдат работа (ќе чистат улици, ќе работат во хотели), но образованите се тие кои ја носат економијата на земјата на своите рамења“.

Ваквите квалитативни аспекти, сепак, не се доволни, бидејќи како што нагласи „практиката едно дете по мајка не носи кон зголемување на бруто домашниот производ“. А, кај нас во Македонија е блиску до таа граница бидејќи, како што рече Шехтман, индексот е 1,3 деца.

Очигледно е дека работите се исклучително сложени и предизвикувачки за било која власт. Но, од некаде мора да се почне.

За претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, тоа е животниот стандард, кој доколку се зголеми, ќе придонесе и оние кои заминале да се вратат во земјава, а оние кои имаат намера да купат билет во еден правец, можеби ќе се премислат.

Овој рецепт е проверен и докажан во други држави кои успешно го минаа процесот на транзиција од социјалистички во пазарно ориентирани стопанства. Да ја споменеме Полска, која во раната фаза на промена на општествениот систем, а особено по влегувањето во Европската унија, беше голем расадник на кадри за другите земји на Унијата. Од тоа време е познат митот за „полскиот водоводџија“, кој беше синоним за сите полски занаетчии кои ги преплавија пазарите на труд во Франција, Велика Британија…

Но, по успешно спроведените реформи (планот Балцерович – според креаторот на тамошните реформи и полското економско чудо Лешек Балцерович), тркалото се сврте, па многу од оние кои беа заминати, почнаа да се враќаат во татковината и да отвораат сопствени бизниси.

Веројатно многумина заборавиле дека овој врвен реформатор во 2015 година одржа две предавања во Македонија, а даде и неколку интервјуа за македонските медиуми. Во едно од нив, за „Економија и бизнис“, на прашањето за одливот на младите и дали е можно нивно враќање, тој одговори дека сѐ зависи од разликата во доходот по глава на жител.

„Луѓето имаат тенденција да емигрираат ако можат да имаат подобар живот и висок доход. Ако сте сиромашна и слободна земја вие не можете тоа да го запрете со административни мерки“, посочи Балцерович.

Единствениот начин да се намали таквиот тренд е економскиот раст и да се креираат работни места во приватниот сектор.

Неговата порака беше дека „колку е една земја посиромашна, толку побрзо би требало да расте“, како и дека е тоа „убедливо најважната национална социјална цел“.

Тој даде одговор и како такво нешто може да се реализира. Клучот е во добрите политики, особено во нивниот континуитет, што бара „многу битки во рамки на општеството“.

„Полесно е да продавате лоши политики. Лошите политики обично се засноваат на емоции и неразбирање. На пример, луѓето можат да речат, хм, има сиромашни луѓе, ајде да ја зголемиме минималната плата. И, тогаш ќе се зголеми невработеноста“, порача Балцерович.

Кај нас, многумина сигурно нема да се согласат со последната констатација околу зголемувањето на минималната плата, особено што од економско, се претвори во политичко прашање. Дополнително, статистиката покажува дека и покрај зголемувањето на минималната плата се намалува бројот на невработени, со забелешка дека таквиот тренд сепак се должи на степенот на иселување од земјата и на оние кои условно кажано, имаат убава живеачка, но кои тежнеат нивниот труд соодветно да се вреднува, а напредокот да се темели на заслуги, а не на партиска книшка.

Според најновите податоци, стапката на невработеност во првото тримесечје годинава изнесуваше 13,3 отсто. Како што покажува анкетата на работната сила на Државниот завод за статистика во земјава имало нешто повеќе од 1,5 милиони работоспособни лица (од 15 до 89 години), од што активното население било 787 илјади лица, бројот на вработени 683,2 илјади, а на невработени (од 15 до 74 години) 104,4 илјади лица (со забелешка дека овие податоци не се споредливи со податоците од претходните тримесечја од другите години, бидејќи годинава е применета новата ЕУ регулатива од областа на работната сила).

Но, и без временска серија се гледа дека бројот на невработени кај нас и натаму е голем, што е во спротивност со укажувањата на работодавците дека не можат да најдат работници и дека отворени стојат илјадници огласи за вработување.

Тоа оди во прилог на објаснувањата дека статистичките податоци не ја отсликуваат реалноста во државата, односно дека многу од оние кои што се водат како невработени и кои „активно“ бараат работа, всушност се веќе заминати и работат во некоја од земјите кои имаат голема потреба од работна сила и кои во последно време дополнително ги олабавуваат мерките за добивање работна дозвола.

Многумина од стопанствениците посочуваат дека одливот на работна сила станува сѐ поголем проблем и дека водат битка за секој вработен, иако замените (ако ги најдат) најчесто ги чинат поскапо (од аспект на трошоците за плата), а за возврат добиваат послаб квалитет (на сработеното).

Ваквите констатации само е аргумент повеќе за оние кои и до сега нагласуваа дека долгогодишната погрешна политика на многу работодавци, кога условите на пазарот на трудот беа поинакви и кога се молеше за работно место, да не ги наградуваат соодветно вработените, сега се враќа како бумеранг.

Но, штетата не ја трпат само поединци и одделни бизниси, туку последиците се многу пошироки и се однесуваат на целата економија и на можностите таа да се врати на патеките на зголемен и одржлив економски раст.

Ако се суди според сите прогнози на домашни и странски финансиски институции, годинава растот на домашниот бруто производ ќе се движи некаде околу два отсто, што ни оддалеку не обезбедува развој на државата за да се реализираат посочените цели. Ако кон ова се додадат внатрешните поделби и политички триења, далеку сме од консензус за економските политики, за кој толку инсистираат и стопанствениците преку нивните асоцијации.

Од друга страна, парадоксот е уште поголем, бидејќи иако сме земја со долга печалбарска традиција и од која во бранови заминуваат многумина да работат во странство, кај нас и натаму има голем отпор недостигот на работна сила да се надомести со странци. Нашата земја, според укажувањата на работодавците, е една од најконзервативните во поглед на доделување дозволи за работа на странци.

Своевремено, во поранешна Југославија, еден од „највртените“ афоризми беше оној на познатиот српски писател, афористичар и новинар, Брана Црнчевиќ, кој во неговата книга на афоризми „Пишувај како што молчиш“ издадена во далечната 1965 година напиша: „Пред војната немавме ништо, а потоа дојдоа Германците и ни уништија сѐ“.

Можеби оваа асоцијација некому ќе му се чини пренагласена, иако сите ќе се согласат дека состојбата е крајно сложена и бара брзи (но не и избрзани) мерки.

Во спротивно, може да се случи она што го вели Црнчевиќ во еден друг негов афоризам: „Слушнав дека утре ќе биде подобро, но јас токму утре нема да бидам тука“.