Битка против корупцијата, повисоки пензии… Мицкоски го достави предлогот за новата Влада

Во новата влада покрај премиерот се и 23 членови. За предлогот на Мицкоски се очекува пратениците во Собранието да расправаат викендов, односно на 22 и 23 овој месец


Бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и злоупотребите на функциите на политичарите, но и брзи резултати во економијата, исполнување на ветувањето за линеарно зголемување на пензиите се дел од програмата на новата влада која денес заедно со имињата и биографиите на предлозите за претседател и на членовите на Влада беа доставени во Собранието од страна на мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во новата влада покрај премиерот се и 23 членови, според систематизџацијата од неодамна донесените законски измени, со кои се направи и прераспределба не досегашните ресори, а се формираат и неколку нови министерства.

За предлогот на Мицкоски се очекува пратениците во Собранието да расправаат викендов, односно на 22 и 23 овој месец, така што веќе од понеделник, нова Влада би била во функција. Мицкоски пред новинарите ги посочи и приоритетите на новата влада за која рече дека е убеден дека дека ќе го испорача она што било ветувано.

„Граѓаните очекуваат брзи резултати. Јасно е дека очекувањата на граѓаните се да го испорачува она кое го ветуваше. Не ветувавме многу за време на кампањата, но ветувавме дека Македонија ќе биде повторно на граѓаните, односно дека државата која што изминатите седум години беше заробена од страна на една мала група властодршци кои што доаѓаа од до сега владејачките партии конечно е слободна и ќе биде вратена назад на граѓаните“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека предложените личности кои ќе бидат дел од идната влада се исклучително мотивирани веднаш да постигнат резултати и дека очекува секој максимално да се заложи Владата да направи максимум за граѓаните.

„Граѓаните своето го направија, сега е ред ние нешто да направиме за нив“, рече Мицкоски.

Како што посочи, очекува бескомпомисна борба со криминалот и корупцијата од секаков вид, не само политички, за што не сака ни да зборува.

„Нема да има толерирање без разлика од која политичка партија доаѓа било каква злоупотреба на било кое именувано лице“, рече Мицкоски додавајќи дека истовремено сериозно ќе се се расчистува со сомневањата и информациите кои во последно време доаѓаат до нив и доказите за многу злоупотреби кои се случувале изминатите седум години.

„Тоа им го должиме на граѓаните и лично ќе се заложам“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека очекува и брзи резултати на полето на економијата.

„Бизнисот може да се чувствува сигурен. Имаме цврста и стабилна влада која ќе испорача реформи и која го охрабрува бизнисот да вложува во проширување на своите капацитети, да вработува што е можно повеќе наши сограѓани, а ние како влада ќе бидеме нивен сервис за остварување на нивните барања“, реќе мандатарот.

Тој додаде дека младите исто така ќе бидат главен акцент на Владата.

„Сведоци сме дека имаме класичен егзодус, за жал осум од десет мои студенти одлучуваат да ја напуштат Македонија бидејќи тука нема перспектива. Тоа треба да се промени. Само со напорна работа, да нема поделба на граѓани од прв и од втор и трет ред, сите да се чувствуваат подеднакви, да нема политичка каста која е привилегирана, а сите останати да бидат од понизок ред. Тоа јас го гарантирам лично дека нема да се случува“, рече Мицкоски.

За пензионерите рече дека ќе биде исполнето предизборното ветување за линерано зголемување на пензиите во износ од 5.000 денари во првата година, а најави и дека за понатаму се планира пензиите да се зголемуваат „на иновативен начин“, без да прецизира што тоа значи.

Се осврна и на капитални инвестициите, како и на општините кои како што посочи се подготвени со проекти за за реалицирање буџетски средства, што исто така беше еднод од предизборните ветувања, а исто така рече дека подобри времиња доаѓаат и за земјоделците.

На крајот Мицкоски ги прочита и членовите на идната влада, кои ги предлага пред пратениците од новиот парламентарен состав:

  • Заменик претседател на Владата и министер за транспорт: Александар Николовски.
  • Министер за одбрана: Владо Мисајловски.
  • Министер за финансии: Гордана Димитриеска Кочовска.
  • Министер за надворешни работи и надворешна трговија: Тимчо Муцунски.
  • Министер за локална самоуправа: Златко Перински.
  • Министер за информатичко општество и дигитална трансформација: Стефан Андоновски.
  • За Министер за спорт – Борко Ристовски.
  • Министер за енергетика рударство и минерални суровини: Сања Божиновска.
  • Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство: Цветан Трипуновски.
  • Министер за култура и туризам: Зоран Љутков.
  • Министер за внатрешни работи: Панче Тошковски.
  • Министер за образование и наука: Весна Јаневска.
  • Заменик претседател на Владата за политички систем: Љупчо Димовски.
  • Заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците: Иван Стоиљковиќ.
  • Министер без ресор, одговорен за интеграција и имплементација на Декадата на Ромите: Шабан Салиу.
  • Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата: Изет Меџити.
  • Министер за здравство: Арбен Таравари.
  • Министер за социјална политика, демографија и млади: Фатмир Лимани.
  • Министер за европски прашања: Орхан Муртезани.
  • Министер за економија и труд: Бесар Дурмиши.
  • Министер без ресор и заменик претседател на владата задолжен за добро владеење: Арбен Фетаи.
  • Министер за јавна администрација: Горан Минчев.
  • Министер за правда: Игор Филков.

Вкупно 24 члена на владата, односно претседател на Владата и 23 членови.

Мицксоки упати и порака до медиумите, кои ги повика внимателно и критички да ја следат работата на новата влада.

„А, ние сме тука да даваме одговор на вашите критики, и да ги слушнете и нашите аргументи“, рече Мицкоски.