БИРН: Србија увезува опрема за масовен надзор на мобилните комуникации


 Во изминатата деценија Србија увезе повеќе од 20 IMSI „Кечери“, уреди што овозможуваат собирање податоци од сите мобилни телефони во одредена област. Експертите предупредуваат дека нивната употреба не е законски регулирана, јавија српски медиуми пренесувајќи анализа на БИРН.

IMSI (International Mobile Subscriber Identity-Catcher), имитираат легитимни базни станици за мобилните оператори, ги идентификуваат и лоцираат корисниците, а потоа масовно собираат комуникации од сите мобилни телефони во радиус од неколку стотици метри.

Според наодите од истражувањето на БИРН, Србија во изминатата деценија увезла повеќе од 20 вакви уреди, но, според експертите, за сето тоа време не усвоила закони кои би ја регулирале нивната употреба.

Само во текот на изминатата година, Швајцарија и Финска издадоа 16 дозволи за извоз на IMSI „кечер“ во Србија – ова се податоците што БИРН ги доби од министерствата за надворешни работи на овие две земји. Еден уред, кој српското Министерство за внатрешни работи го купи од швајцарска компанија, чинеше речиси два милиони швајцарски франци, односно нешто повеќе од два милиони евра.

Јавните податоци покажуваат дека истите добавувачи продавале слична технологија на земји познати по кршење на човековите права, како што се Намибија, Мароко, Обединетите Арапски Емирати и Колумбија.

IMSI „кечерите“ се често преносливи и доволно мали за да се сместат во ранец и остануваат неоткриени од нивните жртви, што ја прави заштитата од нивните најнаметливи карактеристики речиси невозможна.

Вообичаено, за следење на мобилните комуникации од страна на полицијата потребна е судска наредба и посредување на мобилниот оператор. Сепак, Јелена Пејиќ Никиќ, виш истражувач од белградскиот Центар за безбедносна политика, предупредува дека IMSI-C во Србија може да се користат надвор од редовните процедури.

-Нема јавна регулатива која ја регулира примената на оваа специфична технологија. Постојат поопшти законски одредби според кои тој би можел да се користи, но и тогаш паѓа во сива зона, пред се поради потенцијално непропорционален надзор и недостаток на контрола. Во секој случај, полицијата не смее да ја користи оваа технологија превентивно, на пример да утврди кој учествува во антивладините демонстрации, изјави Пејиќ Никиќ за БИРН.

Официјално, IMSI-C се користат за собирање разузнавачки информации, криминални истраги и претреси. Но, тие овозможуваат и масовен надзор на голем број луѓе во одредени области, за што со години предупредуваат граѓанските организации и застапниците за дигитални права.

-Овие уреди немаат ограничувања; можат да се користат на која било локација и во секоја ситуација, постојано следејќи голем број корисници во исто време“, вели ИТ експерт кој сакаше да остане анонимен.
БИРН потсетува дека во јануари 2014 година, кога протестите на главниот плоштад во Киев против тогашниот проруски претседател на Украина го достигнаа својот врв, проевропските демонстранти, според извештаите во медиумите, ја добија истата порака на своите телефони точно на полноќ: „Почитуван корисник, регистриран сте како учесник во масовни немири“.