Билетите за Евросонг 2023 пуштени во продажба, најскапите чинат 400 евра


Англија- Билетите за  Евросонг 2023, кој ќе се одржи во Ливерпул, Велика Британија, се пуштени во продажба, а фановите ќе можат да присуствуваат на вкупно девет фестивалски настани, вклучувајќи го и финалето на 13 мај.

Цените на билетите започнуваат од 30 британски фунти (33,7 евра), а најскапите чинат 380 фунти (427,3 евра), пренесува Sky News.

На секој од деветте настани ќе можат да учествуваат најмногу 6.000 луѓе поради намалениот капацитет на конференцискиот центар AC C Ливерпул, каде што ќе се одржува фестивалот.

AC C Ливерпул, кој вообичаено собира 11.000 луѓе, беше принуден да го намали својот капацитет поради проширената сцена и продукциските барања на Евровизија.

Вкупно 3.000 билети се доделени за граѓаните на Украина кои живеат во Велика Британија врз основа на виза.

Евровизиските фанови кои не успеваат да набават билети не треба да очајуваат, бидејќи за нив е предвидена евровизиска фан-зона во Пјер Хед, која може да собере до 25.000 луѓе.

Среќните сопственици на билети за Евровизија може да имаат проблем да најдат сместување во Ливерпул, бидејќи голем дел од сместувачкиот капацитет е резервиран од моментот кога беше објавено дека градот ќе биде домаќин на Евровизија.

Од Македонската Радио Телевизија лани соопштија дека годинава Македонија нема да учествува на Евросонг, поради енергетската криза. И други земји од регионот се откажаа заради високите трошоци.

– Ваквата одлука е во најдобар интерес на граѓаните, имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза, коишто зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, како и зголемената котизација за самото учество на „Евросонг 2023“, којашто до минатата година изнесуваше 39.143,00 евра, а идната година се очекува да биде повисока. Оваа одлука ќе овозможи заштеда на средства коишто би требало да бидат издвоени за престојот на македонската делегација  во Ливерпул, кадешто се одржува „Евросонг 2023“, информираа од МРТ.

Но, МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале. Од МРТ се надевааат дека состојбата ќе се стабилизира, по што земјава повторно ќе се врати со учество на Евровизија во 2024 година.