Би-Би-Си: Ова беше најтешката ноќ во последните 20 години известување од Газа
Дописникот на Би-Би-Си од Газа, Ружди Абу Алуф, рече дека оваа ноќ била најтешката во последните 20 години од неговото известување од крајбрежниот појас што се граничи со Израел. Како што рече, во текот на ноќта имало масовни воздушни напади.
„Бев во областа на градот Газа каде што беа уништени повеќето згради. Имаше застрашувачки звуци на експлозии, експлозии на небото и чад и пламен во текот на ноќта“, вели Абу Алуф.
„Живеам во станбена зграда со околу 20 семејства. Децата врескаа цела ноќ и никој не можеше да спие. За 20 години известување од оваа област, минатата ноќ беше најлошата на која сум бил сведок“, додава тој.
Кога се разденило, успеал да излезе од зградата.
„Успеав да излезам утрово. Возев насекаде низ урнатините. Згради се уриваат на улици, а цели населби се срамнети со земја. Уништени се владини и универзитетски згради, инфраструктура, џамии и полициски станици“, раскажува тој.
„Препознав некои од зградите. Но, некои не можете ни да ги препознаете поради обемот на уништувањето во овој дел на Газа“, вели дописникот Абу Алуф.
Повеќе од 187.000 луѓе се раселени низ Појасот Газа, а се очекува тој број да се зголеми, соопшти денеска Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).Агенцијата наведува дека во нејзините засолништа во Газа има повеќе од 137.000 луѓе, кои се засолниле поради израелските удари кои следеа по нападот на Хамас врз Израел, пренесува Би-Би-Си.
Според податоците на Агенцијата, 83 школи на агенцијата се претворени во засолништа. Се вели дека една школа на ОН во која се сместени раселени семејства била „директно погодена“, но не се наведуваат дополнителни детали. Не е познато колку луѓе имало во засолништето во моментот на нападот.
Агенцијата исто така, соопшти дека била принудена да ги затвори сите 14 центри за дистрибуција на храна и дека како резултат на тоа половина милион луѓе престанале да добиваат помош во храна. Израел започна возвратни напади врз Појасот Газа по ненадејниот напад на палестинската милитантна група Хамас во саботата наутро, а во понеделникот Израел нареди „целосна опсада“ на Газа. Во судирите досега загинаа повеќе од 1.600 луѓе од двете страни.