Без новинарска суета – во Прилеп постхумно  промовирана книгата „Чест и вест“ од доајенот Тачко Локвенец


Во прилепската градска библиотека „Борка Талески“ денеска напладне е промовирана книгата „Чест и вест“ од доајенот на прилепското и на македонското новинарство Тачко Локвенец. Книгата на новинарот и публицист Локвенец се промовира постхумно.

Иван Бојаџиски, новинар и промотор нагласи дека Тачко Локвенец не е само врвно журналистичко перо, но е и голем човек во секој поглед – голем ерудит, интелектуалец и добро информирана личност за која било тема, а за книгата може да се рече дека македонското новинарство конечно ја доби својата „библија“.

– Новинарството го одбележа животот на Тачко Локвенец. Новинарските производи на Тачко беа во рангот на мали литературни бисери. Според стилот, јазикот, составот на реченицата, според длабочината на мислата, но и пораката која ја испраќаше до целата македонска јавност. Беше најчитаниот новинар-дописник на „Нова Македонија“. Во 40-тината години творештво, беше институција сама по себе. Секој негов текст од вест, интервју, репортажи, коментари беше израз на големо мајсторство ставено на хартија. Да беше Тачко меѓу нас, сигурно ќе беше во „првите борбени редови“ за справување со лажните вести, зашто тој во новинарството признаваше сѐ, само лаги не. За книгата „Чест и вест“ ќе речам дека македонското новинарство конечно ја доби својата „библија“, рече Бојаџиски.

Новинарот Ерол Ризаов рече дека и некој пред нас го трасирал патот за ние да продолжиме со новинарството.

-Многу е потешко да се прави име од внатрешноста на земјава. Тоа го искусиле новинарите-дописници. Ги почитувам сите што успале во тоа, а едно од тоа е името на Тачко Локвенец. Го почитувам што во книгата на нема новинарската суета. Зашто во книгата се најмалку негови текстови. Во книгата се 30-тина текстови на македонските новинари. За состојбите во новинарството. А Тачко преку репортажите и записите за обичниот човек, човек од чаршијата, ја даваше сликата на состојбите. Мислам дека на луѓето еден ден ќе им дојде преку глава од тие лажни вести. Ќе стигне времето кога ќе се бира не само медиум, туку и автор на она што е објавено. Во книгата се многу имиња, не само од Македонија. Тачко Локвенец ја покажува универзалноста. А пишувајќи за други, асоцирате на својата земја или град. Таа мисла се пренесува, рече Ризаов.

Моника Талеска, директорка на прилепската градска библиотека „Борка Талески“ и како долгогодишна колешка на Локвенец смета дека Тачко Локвенец останува бард на прилепското и македонско новнарство со секој „журналистички“ гест кој ја пренесуваљ пораката до новите генерации.

– Имаше многу што да се научи од новинарот, публицист и големиот човек Тачко Локвенец. За новинарството, за отворениот поглед на состојбите и за анализите. Неговите извонредни пишани текстови, неговата вивисекција на постоењето  беа објавувани во и надвор од македонската јавност. Беше засекогаш врзан за својот роден град Прилеп, а преку тоа и за целото живеење на овие простори, рече Талеска.

Тачко Локвенец беше долгогодишен новинар-дописник за „Нова Македонија“. Работеше и за „Вечер“, „Трудбеник“, „Млад борец“, „Студентски збор“, за прилепскиот неделник „Народен глас“, за „Флака е влазеримит“ и за повеќе списанија за поранешна Југосдлавија.

Има издадено повеќе ниги, меѓу кои „Судница лудница“, „Ние сме тука“, „Љубовни приказни“, „Вест и власт“, „Илинденски обелиск“, како и монографијата за 60 години од прехранбената индустрија „Витаминка“.

Последните години работеше на книгата „Чест и вест“ за да даде пресек на новинарството од осамостојувањето до денес. Локвенец ги почитуваше еснафите со кои секојдневно се среќаваше, беше вљубеник во поеизјата, литературата и најмногу, во својот роден град Прилеп.

Тачко Локвенец почина на 19 февруари 2021 година, на 79-годишна возраст, по компликации од Ковид-19.