Без договор и на денешната средба за идниот статус на СЈО
Не е постигнат напредок за законот за јавното обвинителство и на денешната средба на работните групи на власта и на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Министерството за правда.
Клучното прашање за кое се разговарало, како што рече по средбата министерката за правда Рената Дескоска, е членот 105 односно околу продолжувањето на постапките и користењето на доказите кои се собрани досега.
– ВМРО-ДПМНЕ остана на нивното барање постапките кои се отворени по првите 18 месеци од формирањето на СЈО да бидат запрени, сите докази кои се обезбедени да пропаднат во вода односно да не бидат употребливи, а сите мерки кои се преземени да престанат. Тоа поконкретно значи – ако им е замрзнат имотот како партија да биде одмрзнат, ако се изречени мерки на претпазливост и за јавување во суд да престанат и евентуално тие постапки потоа ќе бидат спорни ако повторно ги отвори Обвинителството се јавува проблемот дали ќе има право да ги отвори или не. Таквиот став е неприфатлив, бидејќи тоа во суштина е амнестија за сторени кривични дела, изјави Дескоска.
На денешната средба станало збор и за испраќање на законот до Венецијанска комисија. Тоа, вели Дескоска, сега не е можно зашто има рокови за донесување на законот. Венецијанската комисија не треба да се користи како повод и причина за одолговлекување на носењето на законот, бидејќи пред септември или октомври не може да се добие мислење, додаде министерката за правда.
Но, како што нагласи Дескоска, изразила подготвеност веднаш по донесувањето, законот да биде испратен до Венецијанската комисија, со обврска било каков коментар, забелешка или укажување да биде веднаш имплементирано.
Донесувањето на законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО е еден од условите за добивање позитивен извештај на Европската комисија.
-Тоа што Владата не е спремна да го испрати усвоениот предлог закон од СДСМ и ДУИ до Венецијанската комисија ни дава право да се сомневаме дека не веруваат во сопствените предложени решенија, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Тој по средбата изјави дека власта има расположение за поинакви кадровски решенија, освен за Катица Јанева и, како што додаде, тоа е добар сигнал, но министерката Дескоска тоа го негираше, велејќи дека воопшто не се зборувало за Катица Јанева и за кадровски решенија.
-На денешната средба воопшто не зборувавме за кадровски решенија, ниту за конкретни обвинители. Тоа е прашање кое не се разговара во рамки на работна група, туку е надлежност на Совет за јавни обвинители. Така што прашањето за Катица Јанева или конкретно за некој обвинител не беше отворено на денешната средба, рече Дескоска.
Милошоски рече дека и посакале на министерката за правда Рената Дескоска да не биде разрешена во следниот период во реконструкцијата што ја најави премиерот Зоран Заев и и честитале за тоа што станала претседател на советодавното тело за реформи во правосудството.