Бесплатен концерт на Симон Трпчевски на Д Фестивал 2023 во Дојран
Со повеќе од 50 музички имиња од домашната и странската сцена денес (30 јуни) започнува најголемиот летен фестивал во Македонија, „Д Фестивал“ 2023.
На годинешното тринаесетто издание ќе настапат „Kreator“, „1000mods“ „Onyx“, Smoke Mardjelano, Indira Paganotto, „Koikoi“, Roni Size и многу други артисти и бендови од странство. Од локалната сцена на „Д фест“ доаѓаат „Паркети“, „Фолтин“, Кирил Џајковски, Strajk, LD Pistolero, DJ Goce и R.O.N.I.N. Харакири, S.A.M., Matej Foltz, Funk Shui и други. Целата листа може да се види тука.
Освен музичката програма и овој пат на „Д Фест“ ќе може да се разгледаат најразлични ракотворби во „ПлоштАрт“, да се учествува на музички дискусии, а „Д чаршијата“ ќе понуди и низа активности меѓу кои и јога, кајакарење, зумба и аеробик.

Саботната вечер на Д Фестивал годинава вклучува и специјален концерт на светски признатиот македонски пијанист Симон Трпчески и неговиот музички проект „Македонисимо“. Овој квинтет ќе се претстави на Главната бина на 1 јули кога Д Фестивал ќе ги отвори своите врати со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ ЗА СИТЕ ПОСЕТИТЕЛИ од 18 часот, а почетокот на концертот е закажан во 19 часот.
Бесплатниот концерт за време на Д Фестивал е неодолива можност сите да ја почувстуваат магијата на квинтетот „Македонисимо“ во поинаква атмосфера на зајдисонце покрај дојранското крајбрежје. Неприкосновениот талент на маестро Симон Трпчески заедно со извонредните Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Паскал Краповски (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки) ветуваат вистинска прослава на македонската музика и традиција.
Вратите за првите гости на „Д кампот“ се отворија вчера.
„Д другари кои пристигнувате на нултиот ден, не заборавајте дека вратите на кампот ги отвораме во 17:00 часот“, напишаа на од „Д Фестивал“ на нивната Инстаграм страница.
Првиот настап денес е во 11 часот на дуото „Alice in Wodnerband“
„Изведувачи кои ја спојуваат музиката на светот и необични ритмови од Балканот со телесна музика и телесна перкусија. Ана Врбашки и Марко Дињашки настапуваат на театарски и концертни сцени, а се и пар во животот, живеејќи во природа, близу Националниот парк Фрушка гора“, се вели во описот за нив.