Бесент го нарече Димитриев „руски пропагандист“, Кремљ се повлече од договорот за плутониум


Скот Бесент

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, го нарече претставникот на Кремљ, Кирил Дмитриев, „руски пропагандист“ откако вториот тврдеше дека санкциите на САД нема да влијаат врз економијата на Русија. Како што пренесува Киев Индипендент, изјавата доаѓа откако администрацијата на Трамп, за прв пат, воведе нови санкции против Русија насочени кон нејзините водечки нафтени компании.

Дмитриев, руски функционер кој игра клучна улога во дипломатијата меѓу Москва и Вашингтон, ги посети САД по санкциите. Во разговор со американските медиуми, шефот на Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF) го минимизираше нивното влијание, велејќи дека „никаков притисок не функционира врз Русија“.

„Дали навистина ќе објавите што вели руски пропагандист? Мислам, што друго ќе каже?“, рече Бесент во интервју за CBS News кога беше прашан за коментарите на Димитриев.

„Руската економија е економија во воено време. Растот е практично нула“, рече секретарот, додавајќи дека САД можат да направат „значителен пад“ во профитот на рускиот претседател Владимир Путин и да го поттикнат на преговори со тоа што ќе го таргетираат нафтениот сектор.

Новите санкции на САД, објавени на 22 октомври, се насочени кон двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, заедно со нивните подружници. Мерките ги замрзнуваат сите средства на компаниите со седиште во САД и отвораат врата за секундарни казни за странски институции кои вршат трансакции со субјекти на црната листа.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го презеде чекорот по прекинот на подготовките за самит на високо ниво со Путин во Будимпешта. Трамп подоцна рече дека нема да се сретне со својот руски колега без јасен пат кон мировен договор во Украина.

Рускиот лидер ги нарече санкциите „непријателски чин“, изјавувајќи дека Москва нема да попушти под економскиот притисок.

И покрај застојот во преговорите, Дмитриев на 24 октомври тврдеше дека Русија и Украина се блиску до постигнување дипломатски договор со посредништво на САД. Коментарите се совпаднаа со новите руски ракетни и беспилотни напади врз Киев и други градови во текот на викендот, што резултираа со десетици жртви и оштетена енергетска инфраструктура.

Ројтерс објави дека администрацијата на Трамп веќе подготвува нови санкции против Москва, освен ако Путин не покаже интерес за значајни мировни преговори. Место тоа стигна веста дека Русија лансираше ракета „Буревестник“ со дострел од 20.000 километри и објави повлекување од договор со САД.

Имено, Русија формално се повлече од Договорот со САД за управување и отстранување на плутониум, потпишан во 2000 година, соопшти „Кијев Индипендент“. Законот го потпиша претседателот Владимир Путин на 27 октомври.Договорот предвидуваше двете земји да уништат по 34 тони плутониум – материјал доволен за илјадници нуклеарни боеви глави – со преработка во гориво за цивилни нуклеарни централи. Русија го ратификуваше во 2011 година, но го суспендираше во 2016, обвинувајќи го Вашингтон за непочитување на обврските и за „непријателски дејствија“.

Со потегот на Путин, ефикасно се прекинува еден од последните договори за нуклеарна безбедност меѓу Москва и Вашингтон. Повлекувањето доаѓа по тестирањето на руската нуклеарна крстосувачка ракета „Буревестник“ на 26 октомври, што предизвика критики од американскиот претседател Доналд Трамп.

Инаку, по санкциите западните проценки се дека Лукоил е „готов“ и дека профитот на компанијата ѓе падне за 30 отсто, а ќе мора да продаде половина од своите 5.000 бензински пумпи низ дсветот, покрај компаниите.