Беса му намигна на ВМРО, ама далеку се од љубов


ВМРО-ДПМНЕ и Беса си намигнаа и го воспоставија првиот чекор кон соработка, но дали таа ќе се преточи во коалиција пред или по парламентарните избори e прерано да се разговара. Ова се коментарите во двете партии што доаѓаат по превласта што ја презедоа во собраниската Комисија за избори и именувања на сметка на владејачкиот двоец: СДСМ и ДУИ.

Неодамнешната средба на лидерите на опозициските партии, Христијан Мицкоски и Билал Касами, резултираше со речиси синхронизиран настап за двете први точки што дојдоа на ред: расправата во Комисијата за избори и именувања, но уште поважно и при Законот за јавно обвинителство каде што Беса рече дека нема да го прифати владиниот предлог доколку не претрпи сериозни измени.

Иако делот што остана со Касами, а не со Африм Гаши, кој во меѓувреме се прекрсти во Алтернатива, се сведува на двајца пратеници во парламентот, последните претседателски избори покажаа дека Беса во коалиција со Алијансата за Албанците би била, во најмала рака, рамноправна со ДУИ, што го покажаа и последните анкети.

„Бројките се јасни, расположението меѓу албанските гласачи е апсолутно опозициско. Тоа го покажа и резултатот на нашиот заеднички кандидат Блерим Река на последните претседателски избори. Фокусирани сме на присуство на терен, меѓу народот. Ќе ги слушнеме нивните барања и желби, па ќе оцениме дали и со кого ќе соработуваме“, велат од Беса.

Во ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат оти се во редовен контакт не само со Беса, туку и со другите политички партии во албанскиот блок: ДУИ на Али Ахмети и Алијансата на Зијадин Села.

„Гледаме дека премиерот Зоран Заев бега од предвремени избори, а редовните се в година. Ние сме уверени оти победуваме, а по изборите ќе коалицираме со онаа партија или партии што ќе бидат подготвени да ги прифатат нашиот концепт и идеи за функционирање на правото и економскиот просперитет за сите граѓани и низ целата земја“, одговараат во ВМРО-ДПМНЕ.

За соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Беса се шепотеше уште при формирањето на партијата на Билал Касами и во контекст на настаните на 27 април 2017 година. Партијата се подели на два дела, па од пет пратеници, тројца преминаа кај Гаши и станаа дел од владата на Заев. Алијансата, пак, влезе комплет на „Илинденска“, но излезе по смената на Арбен Таравари од челното место во Министерството за здравство.

Трите опозициски партии еднаш коалицираа, и тоа во Советот на Општина Дебар кога ја надгласаа групата на СДСМ и на ДУИ, но тоа беше со краток рок на траење. На предвремените локални избори, кои следуваа по смртта на дебарскиот градоначалник, победи кандидатот на владејачките партии. Од Алијансата за Албанците обвинуваа дека гласачите на ВМРО-ДПМНЕ не само што не го поддржале нивниот кандидат, туку и му помогнале на фаворитот на ДУИ да ја добие трката.

Од друга страна, се очекуваше дека и гласачите на Блерим Река, кој испадна во првиот круг од претседателските избори, во вториот ќе ја поддржат Гордана Силјановска-Давкова, но не дојде ниту до тоа, туку напротив Стево Пендаровски доби многу поголем број албански гласови, што не беше само поради мобилизацијата на ДУИ.

Горан Адамовски