Најбогатиот Европеец под истрага за перење пари со руски олигарх


Најбогатиот човек во Европа, Бернард Арно, е ставен под истрага за наводно перење пари поради неговите врски со рускиот олигарх Николај Саркисов.

Истрагата се однесува на нивните активности во Куршевел, ски-центар на француските Алпи познат по тоа што е игралиште за ултрабогатите, соопштија париските обвинители доцна во четвртокот.

Единицата за финансиско разузнавање на француското Министерство за економија ја води истрагата, но допрва треба да утврди дали е извршено некое кривично дело, изјави за АФП извор близок до истрагата.

Францускиот дневен весник Le Monde, повикувајќи се на единицата за финансиско разузнавање  објави дека 55-годишниот руски милијардер купил 14 станбени единици од еден продавач во 2018 година за 16 милиони евра (13,9 милиони фунти) во комплексен договор во кој се вклучени компании со седиште во Франција, Луксембург и Кипар. Иако се верува дека тој е купувачот, името на Саркисов никаде не стои во книгите на компанијата што го извршила купувањето. Компанијата, наречена Ла Флеш, се верува дека купила уште три недвижнини од втора компанија која, се испостави, исто така му припаѓала на Саркисов. Според весникот, продажбата на недвижен имот му обезбедила на Русинот добивка од 1,2 милиони евра (1,04 милиони фунти).

Арно – кој раководи со луксузната империја LVMH (Луј Витон) и е втор најбогат човек на светот по Илон Маск – е осомничен дека му позајмил 18,3 милиони евра на Саркисов за договорот. Потоа се верува дека тој ја купил Ла Флеш со што практично станал сопственик на портфолиото на недвижности.Промената на сопственоста била дизајнирана „за да се скрие точното потекло на средствата“,  како и идентитетот на „крајниот корисник“, стои во извештајот на истрагата.

Инспекторите веруваат дека Саркисов заработил 2 милиони евра од операцијата, но тие сè уште не се сигурни колку платил за заемот. Весникот, исто така, цитира луѓе блиски до Саркисов кои велат дека капиталната добивка била „само неколку стотици илјади евра“ и дека Русинот не бил вмешан лично.

„Монд“ вели дека Арно има посебна врска со Куршевел затоа што научил да скија таму како дете и поседува замок и луксузен хотел во областа. Цените на хотелите во одморалиштето можат да достигнат и неколку десетици илјади евра за ноќ, забележува весникот.