Берлин парализиран од еднодневен штрајк на вработените во јавниот превоз – бараат 750 евра зголемување на плата


Еднодневен штрајк на вработените во јавниот транспорт во Берлин денеска предизвика големи прекини во главниот град на Германија, бидејќи повеќето автобуси, трамваи и подземните железнички линии U-Bahn прекинаа со работа.

Транспортните работници ја напуштија работата во 3 часот наутро и треба да останат во штрајк до 3 часот наутро во вторник, изјави за ДПА, преговарачот на синдикатот Верди, Џереми Арнд.

Влезовите на станиците на U-Bahn во Берлин беа заклучени, а работниците што штрајкуваат со знамиња на синдикатите се собраа пред депоата. Сепак, приградската железничка мрежа S-Bahn, со која управува националниот железнички оператор Дојче Бан, остана во функција.

Синдикатот Верди, кој ги претставува работниците во берлинската јавна транспортна компанија BVG, бараше месечни зголемувања од 750 евра за околу 16.000 работници на синдикатот BVG во колективните преговори, кои градските власти ги отфрлија со образложение дека нема доволно средства.

– Верди бара вкупно 250 милиони евра годишно, изјави министерката за транспорт на Берлин, Уте Бонде од централно-десничарската Демохристијанска партија, за локалната телевизија РББ во понеделникот.

Таа рече дека тоа е „недостижно“ ниту за BVG ниту за владата на Берлин, а дополнителното зголемување на платите може да резултира со намалување на финансирањето за транспортните услуги за возачите.