Бериша: Диктатурата се урива или со вооружени движења како во Сирија или со граѓанска непослушност


Лидерот на албанската опозициска Демократска партија и поранешен премиер и екс шеф на државата, Сали Бериша, изјави дека „диктатура се урива или со вооружени движења како во Сирија, или со граѓанска непослушност”.

– Диктатурата се урива или со вооружени движења како вчера со крвожедниот диктатор Башар Ал Асад, или со граѓанска непослушност. Албанската опозиција ја избра граѓанската непослушност како главен, единствен начин да ги ослободи Албанците од наркодиктаторот ( Еди Рама) и неговата диктатура, кој како Лукашенко сака да го добие четвртиот мандат, да го украде и четвртиот мандат, рече меѓу другото Бериша. 

Тој при тоа го најави следниот национален протест во организација на опозицијата за  23 декември во Тирана, со кој ќе предупредат, според него, на „граѓанска непослушност. – Затоа, 23 декември ќе биде денот на најмоќната национална непослушност што ја знае Албанија до денес. Опозиционерите и демократите од цела Албанија и каде и да се во светот, мора да се приклучат на 23 декември во граѓанската непослушност, која мора да има моќ на електрошок за нарко-диктаторскиот режим на Еди Рама, нагласи Бериша на прес конференција.

Задржувајќи се на усвоените резолуции, меѓу кои и онаа на Унијата на демократите на светот, изрази, како што рече,  најдлабока благодарност до претседателите, премиерите,  претседателите на партиите членки на овие организации, кои со “молскавична брзина,  за помалку од четири недели изгласаа три резолуции посветени на Албанија”. 

Посочи дека  „Албанија станала голем проблем за целиот свет повеќе од која било друга земја“.

Инаку, според албанските демократи Унијата на демократите на светот, чиј дел е и Републиканската партија на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изгласала резолуција со која се осудува режимот на премиерот Еди Рама, се бара формирање техничка влада во Албанија, што според нив значи дека  одлуката на САД, со која Бериша е прогласен за „нон грата”  веќе е неважечка.