Бендот „Франц Фердинанд“ го осуди Израел за користење на нивна песна во воен спот
Згрозен од употребата на нивната хит песна во снимки со експлозии
Шкотскиот рок бенд Франц Фердинанд ја критикуваше израелската војска за користењето на песната на бендот „Take Me Out“ во воено видео, клип што ја прикажува израелската операција „Lion’s Roar“, во кој се прикажани снимки од судири, експлозии на бомби и воздушни напади.
Фронтменот на бендот, Алекс Капранос, напиша на својот Инстаграм профил дека „воените убијци“ ја користат музиката на бендот без нивна согласност, објавува Политико.
„Нè лути и нè разболува. Типично, нели? Да дојдат и да земат нешто што не е нивно со таква одвратна ароганција“, напиша Капранос.
Бендот се занимава со политички прашања во некои од своите песни, а во 2016 година ја објави песната „Demagogue“, која е за изборната кампања на американскиот претседател Доналд Трамп.
Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран наутро во сабота, 28 февруари, во она што беше објавено како „превентивни напади“, што се случија по неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран кои пропаднаа.
Потоа Иран започна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ Блискиот Исток.