Белони именувана за дипломатска советничка на Фон дер Лајен


Брисел – Донеодамнешната директорка на италијанскиот Оддел за безбедносни информации (ДИС), Елизабета Белони е именувана за дипломатска советничка на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди денеска портпарол на ЕК. 

Според истиот извор, титулата на Белони ќе биде „главна дипломатска советничка“ и таа ќе биде директно одговорна пред Фон дер Лајен. 

Белони беше именувана за директорка на италијанската разузнавачка служба ДИС во мај 2021 година од страна на тогашниот премиер на Италија, Марио Драги. Таа се повлече од оваа должност на 15-ти овој месец, иако нејзиниот мандат истекуваше во мај. 

Според италијанските медиуми, причина за нејзиното предвремено заминување од должноста биле несогласувањата со премиерката Џорџа Мелони, кои достигнале кулминација со апсењето на италијанската новинарка Сесилија Сала во Иран кон крајот на декември минатата година. Сала беше ослободена една недела пред оставката на Белони. 

По нејзината оставка се појавија и информации дека повлекувањето е поврзано со можно нејзино вклучување во тимот на Фон дер Лајен, но тие не беа потврдени. 

Инаку, пред да биде именувана за шефица на ДИС, Белони пет години ја вршеше функцијата генерален секретар на италијанското Министерство за надворешни работи. 

Согласно регулативите на ЕУ, членовите на Европската комисија можат да именуваат свои специјални советници за конкретни задачи со мандат до две години, но и со право на негово продолжување.