Белгискиот премиер смета дека е потребно да се постигне договор со Русија
Европската Унија во моментов не е во можност да ја принуди Русија да попушти, а земјите-членки треба да ѝ дадат мандат да преговара со Москва, изјави денеска белгискиот премиер Барт де Вевер.
„Бидејќи не сме во можност да му се заканиме на (рускиот претседател Владимир) Путин со испраќање оружје во Украина и не можеме економски да ја потиснеме без поддршка од САД преостанува само еден метод – да се постигне договор“, рече премиерот, фламански конзервативец, во интервју за белгискиот весник L’Echo.
Де Вевер смета дека „соборувањето на Русија на колена“ би било можно само со 100 проценти поддршка од САД.
„Но, тие (Американците) воопшто не се наклонети кон Украина. Понекогаш мислам дека се поблиски до Путин отколку до (украинскиот претседател Володимир) Зеленски“, рече белгискиот премиер.
„Без мандат да одиме во Москва на преговори, ние не сме на преговарачката маса, каде што Американците ќе ја притискаат Украина да го прифати договорот. И веќе можам да кажам дека тоа ќе биде лош договор за нас“, рече Де Вевер.
Неколку европски лидери, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, неодамна се обидоа да воспостават контакт со рускиот претседател за да го спречат американскиот претседател Доналд Трамп да се обиде сам да го реши конфликтот.
Меѓутоа, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, смета дека Европејците прво треба меѓусебно да се согласат што очекуваат од Русија пред да разговараат со нејзиниот претседател.