Бела кошула или сако: Стилот на политичар(к)ите открива кој е господин, а кој дама


Фото: Б. Грданоски

Добар и соодветен изглед никогаш не одмогнал, туку може да помогне и да донесе екстра политички поени.Јавноста тука и во светот знае да биде немилосрдна, да ве осуди за лош стил, но и за премногу брендирана и скапа облека.

Белата кошула е најдобриот пријател или непријател на македонските политичари. Многу кажува, но и премолчува, истакнува, но и покрива. Иако на прв поглед се чини дека е обично парче облека, тоа воопшто не е така. Кај мажите може да биде и здодевна, но ако не ја менувате секој ден, веднаш се приметува. Белата  кошула е моден класик, ако изберете во друга нијанса, може да ве погледнат под око.

Фото: Б. Грданоски

Белата кошула е секогаш добар избор како за формални така за полежерни модни комбинации и со малку имагинација за момент може да го освежи целиот изглед и да делува ефектно, без разлика дали се работи за свечен, деловен, класичен или спортски стил. 

Таа не се плаши од трендовите, ниту, пак, од минимализмот, секогаш се комбинира лесно со сите бои и парчиња облека и модни додатоци, многу се мали шансите дека ќе го напушти машкиот гардеробер.

Белата кошула е најдобар избор за оние денови кога немате или не знаете што да ставите на себе или кога е изгор лето. Тогаш, токму ова парче облека ве спасува бидејќи може да се комбинира на многу начини и секогаш ви дава доза на елеганција со костум , но и во фармерки-кога дрес-кодот налага така.

Политичарите треба да ги имаат десетина во плакарот, со различни видови на крагни, совршено испеглани, без остар раб на средина на ракавите. Со украсни манжентни, или обично закопчување-тоа ги разликува политичарите и нивниот софистициран вкус во однос на стилот.  Доколку е многу топло, не сметаат ниту засукани ракави,  подобра така отколку спортска блуза.

Стилскиот потенцијал на белата кошула кај мажите не е  бесконечен како кај жените. Ама тоа што ова парче важи за безвременско е дополнителна причина да не се двоумите да инвестирате во квалитетна бела кошула, што ќе може да ја комбинирате во секоја прилика.

Белата кошула, за жал ја открива и вашата топ-форма. Ако сте позаоблени, не можете да носите струкирани модели, а и веднаш ви го оцртува стомакот.

Затоа, политичарите треба да внимаат во официјалните пригоди. Да избираат бели кошули со нормален крој или да го закопчуваат сакото ако не се сигурни во својот изглед.

Покрај класичниот крој, белата кошула добива различни модифицирани верзии, од минималистички и ненаметливи до драматични и артистични.

Белата кошула , класична или стилизирана е исто така спас за дамите-политичарки иако најчесто нашите политичарки избираат сако, бело или во други џиш или пастелни бои. Со здолниште или панталони е вистинско безвременско парче во секоја формална или неформална пригода. Ако не сте дел од политичката фела, трендсетерките се колнат во вечната комбинација-бела кошула и фармерки која никогаш нема да ве разочара, секогаш ќе ви го истакне најдоброто кај вас. Чист изглед или стил надополнет со умешни модни додатоци- и никогаш нема да згрешите.

Л. Сабит