Бектеши: Ако сакате да пиете кафе, вакцинирајте се!


Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика граѓаните, особено угостителските објекти, да ги почитуваат мерките за заштита и протоколите, оти само на тој начин ќе се спречи ширењето на коронавирусот. Тој потенцира дека како Влада се обврзани да ги поттикнат сите граѓани да се вакцинираат, се со цел да не бидат доведени во ситуација да воведат порестриктивни мерки.

-Ако сме доведени во ситуација да воведеме целосен „локдаун“ на одреден сектор, ние, како и претходно, ќе донесеме економски мерки за целосно затворање на одредени сектори, рече Бектеши.

Тој појасни дека мерките донесени од Владата, не се за целосно затворање на угостителски објекти туку само за тие кои работат внатре. Тие нема да смеат да работат. За оние кои работат на отворено, со капацитет над 30 гости, секој кој ќе сака да влезе треба на редарските служби да им покаже сертификат дека е вакциниран.

-Објектите кои се со капацитет под 30 гости, не се обврзани да имаат редарски служби, вели министерот за економија.

Тој потенцира дека Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на сите угостителски објекти дали мерката се почитува или не.

-Од 16 август, во внатрешните простории не може да влезат гост. Надвор, на терасите, треба да се почитуваат протоколите и плус сега со дополнувањето да се има потврда за вакцинација. Од 16 август нема да има свадби и прослави во затворен простор. На отворено, како што се бара потврда за вакцинација во угостителските објекти, така ќе се бара и за тие кои организираат свадби и прослави гостите да покажат потврда дека се вакцинирани, изјави Бектеши, дополнувајќи дека остануваат претходно донесените протоколи за угостителските објекти, сега дополнително со новата мерка.

-Ако сакате да пиете кафе, вакцинирајте се, порача Бектеши.