Бечев: Бугарија извојува „Пирова победа“ со Македонија

Според бугарскиот политиколог, францускиот предлог не ја зема во обѕир македонската позиција околу спорот


Негативните реакции околу францускиот предлот за преговарачката рамка на Македонија  не продолжуваат само кај нас, туку и надвор. Бугарскиот аналитичар Димитар Бечев  смета дека со францускиот предлог Бугарија извојувала „Пирова победа“ и сега на својата граница има народ кој чека одмазда.

Оценувајќи дека бугарското вето симболички е префрлено во минатото, Бечев забележува дека и покрај тоа што некои побрзаа да ѝ честитаат на Бугарија што реши да ја тргне блокадата, во Скопје нема славење за одлуката, бидејќи за македонската влада францускиот предлог е отровен пехар.

„Францускиот предлог го поврзува суштинскиот почетокот на преговорите со уставниот амандман со кој Бугарите се вметнуваат како една од конститутивните заедници на Северна Македонија. Тоа е тешко да се проголта од Македонците, бидејќи таквата отстапка ја доживуваат како капитулација пред бугарската верзија на историјата на нивната земја. Софија го доведува во прашање историското постоење на македонска нација, секако пред 1945 година, а македонскиот јазик го смета за бугарски дијалект. Земајќи ја инспирацијата од Грција, која речиси четвртина век ги блокираше Македонците, Софија го користи Брисел со цел да го малтретира својот сосед. Разбирливо е дека таквите тактики предизвикуваат огромна количина на незадоволство“, оценува Бечев.

Според него, францускиот предлог не ја зема во обѕир македонската позиција околу спорот.

„Многу набљудувачи на ЕУ во ова гледаат опасен преседан. Според нив, Бугарија го ‘европеизира’ билатералното прашање и го киднапира проширувањето. Тоа сепак, не е без преседан. Пред 2013 година, Словенија ја блокираше Хрватска поради територијалниот спор во врска со Пиранскиот Залив во Јадранското Море. Но, позагрижувачко овој пат е тоа што бугарските барања поврзани со спорното минато се формално интегрирани во преговарачката рамка, а тоа практично се наредби од Советот на ЕУ за Европската комисија, која ги спроведува вистински преговорите за членство. Со други зборови, Унијата – вклучително и земјите-членки како Хрватска и Словенија кои некогаш беа дел од Југославија – колективно ја ставија Северна Македонија во позиција да им се препушти на Бугарите. Не е потребна голема фантазија за да се замисли како Хрватска во иднина го прави истиот трик со Србија или Црна Гора. Земјите-членки би можеле да развијат вкус за киднапирање на политиките на ЕУ. Критичарите тврдат дека единствениот начин да се спаси проширувањето, или пошироко, надворешната политика на ЕУ е да се укине принципот на едногласност во корист на гласањето со квалификувано мнозинство“, оценува тој.  

Без разлика дали горенаведеното е изводливо или не, според него едно е сигурно: никој не би сакал да биде во кожата на загрозениот премиер на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

„Тој се соочува со класична ситуација – ‘проклето ако го прифатиш, проклето ако не’. Поклонувањето пред Бугарија може да стави предвремен крај на неговиот краток мандат. Десничарската националистичка ВМРО-ДПМНЕ, која триумфираше на минатогодишните локални избори, му дише во врат. И таа е категорично против францускиот предлог. Уште полошо, на Ковачевски му требаат гласовите на ДПМНЕ ако сака да ги изгласа уставните амандмани што Бугарија – а потенцијално и ЕУ во целина – ги бара. Во исто време, на Северна Македонија ѝ се претставува историска можност конечно да тргне на патот кон членство. Албанија, која некогаш заостануваше во редот, најверојатно ќе ги започне своите разговори. Еди Рама, откако со денови ја удира Бугарија, сега ја смени својата мелодија. Тој му се заблагодари на поранешниот премиер Бојко Борисов (иронично, одговорниот за ветото) што се погрижил да помине гласањето во бугарскиот парламент. Ковачевски останува сам. Тој е влечен во различни правци од ЕУ и од неговите гласачи. Премиерот го отфрли францускиот предлог, но можеби ќе му биде тешко да опстои на тоа“, смета Бечев.

Впечатокот дека угарија постигна голем дипломатски пробив со тоа што ја обедини ЕУ за нејзината кауза, сепак, на долг рок, смета тој, е Пирова победа.

„Бугарските политичари отуѓија народ кој, според учебниците, е нивен етнички роднина. Битката за срцата и умовите што Софија наводно ја водела е изгубена. Некои од штетите на крајот може да се санираат, но тоа ќе потрае долго време. Кавгата меѓу соседите веројатно ќе деескалира, но таа може да се врати со одмазда наскоро“, заклучува Бечев. 

Според Михаел Мартенс, новинар во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и одличен познавач на регионот, Бугарија воопшто не го „укина ветото“ против преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија, туку напротив, парламентот во Софија со огромно мнозинство гласаше да се подигне прагот на барања  уште повисоко. „Тоа е француско-бугарски трик за публицитет, а не решение“, напиша тој на Твитер, сугерирајќи практично дека не само Кирил Петков туку и Емануел Макрон си го поправа рејтингот на наш грб со фалш предлог. 

„Ова е многу опасен развој. Ако во барањата за проширување се вклучат различни националистички спорови со дискутабилна валидност, може е подобро да се стави крај на  целата работа“, прокоментира поранешниот министер за надворешни работи на Шведска, Карл Билт. 

„Срамота, француско-бугарски трикови на штета на Македонија“, напиша Гинтер Фехлингер од германска невладина организација што го следи Западен Балкан.