Базата на Маск во Тексас официјално станува град, ќе се вика Старбејс

Подрачјето во кое работи компанијата SpaceX на Илон Маск, на самиот југ од државата Тексас, официјално ќе стане град наречен Старбејс (Starbase), објави Би-Би-Си.
За статусот гласаше мнозинството вработени во SpaceX.
Резултатите објавени од округот Камерон покажаа дека 212 лица се „за“ и шест „против“. Милијардерот Маск напиша на својата социјална мрежа X: „Ѕвездената база во Тексас сега е вистински град!“
Повеќето од 283-те гласачи се вработени во SpaceX. Новиот град зафаќа површина од околу 3,9 квадратни километри, кои беа ретко населени пред SpaceX да почне да купува земјиште таму во 2012 година.
Градската самоуправа ќе има градоначалник и двајца комесари со овластувања за урбанистичко планирање, оданочување и други локални прашања. Првиот градоначалник на Старбејс ќе биде Боби Педен, потпретседател на SpaceX. Педен беше единствениот кандидат, а двајца од повереници имаат врски и со SpaceX.
Некои жители во близина се спротивставија на одлуката и ја обвинија компанијата дека ѝ штети на локалната животна средина.
Во последниве години, Маск премести многу од своите операции и седишта на компанијата од Калифорнија во Тексас, наведувајќи ги поповолните регулативи, како и неговото противење на политиката во Калифорнија, во која доминираат демократите.