Бардела ја нарече „тиранија на судиите“ пресудата за Ле Пен

Претседателот на француската крајнодесничарска партија Национален собир (РН) денеска ја осуди „тиранијата на судиите“ по пресудата против лидерката на крајната десница Марин Ле Пен, но ги осуди и „заканите и навредите“ упатени кон нив.
Марин Ле Пен вчера беше прогласена за виновна за злоупотреба на фондови на ЕУ и осудена на петгодишна забрана за вршење јавна функција, што може да ја спречи да се кандидира за претседател во 2027 година.
– Ќе се направи се за да не спречат да дојдеме на власт, рече Бардела за Cnews/Europe 1.
Џордан Бардела направи паралела меѓу климата во Франција и Романија, каде на кандидатот на екстремната десница му беше ускратена потенцијалната победа со откажување на претседателските избори.
Судската одлука ја спречува Ле Пен во оваа фаза да се кандидира на претседателските избори во 2027 година.
Бардела најави „мирна мобилизација“ за овој викенд затоа што, како што рече „не сме фашисти (…), ние сме разумни луѓе.
По петгодишна забрана на Ле Пен да се кандидира, нејзината партија денеска организира политичка и медиумска контраофанзива, апелирајќи до јавното мислење и барајќи доволно брзо жалбено рочиште за да и се овозможи да се кандидира на претседателските избори.
– Ние сме целосно невини во ова прашање и, и покрај тоа, милиони и милиони Французи се лишени од нивниот природен и легитимен кандидат на претседателските избори, продолжи Бардела.
Претседателот на Националниот собир, кој би можел да биде претседателски кандидат на неговата партија доколку апелациониот суд не ја поништи пресудата за Ле Пен, и вети „целосна лојалност“ на Марин Ле Пен затоа што „има долг кон неа“.
Судот ја осуди Ле Пен за злоупотреба на јавни средства, откривајќи дека навистина постоел „систем“ формиран помеѓу 2004 и 2016 година, каде парите на Европскиот парламент се користеле за плаќање на помошниците на пратениците кои всушност работеле за РН.
Марин Ле Пен синоќа ја осуди, како што ја нарече, „политичката одлука“, „катастрофален ден за нашата демократија“ и „практиките за кои мислевме дека се резервирани за авторитарни режими“.