Бакнеж на пејачки цензуриран на Санремо?
Бакнежот на италијанските пејачи Леванте и Гаја на сцената на музичкиот фестивал во Санремо, по нивната изведба на песната „I maschi“ од Џана Нанини, предизвика скандал. Гледачите го обвинија јавниот радиодифузен сервис Раи Италија за цензура бидејќи бакнежот беше прикажан само во широк кадар, што предизвика бројни критики.
Раи Италија: Технички проблем, а не цензура
Додека снимката од бакнежот се ширеше на социјалните мрежи, програмскиот директор на Раи Италија, Маурицио Пањусат, исто така се огласи, тврдејќи дека станува збор за ненамерна грешка. „Немаше цензура на бакнежот меѓу Леванте и Гаја. Би сакале да го снимиме тој кадар малку порано, но постојат правила за промена на сцената. Значи, тоа не беше намерен кадар, туку само технички проблем на сцената“, изјави тој за ANSA.
Реакции на социјалните мрежи
Гледачите го изразија своето незадоволство на социјалната мрежа X. „Зошто цензура?“, „Не е фер кон гледачите да не се прикажува сè што се случуваше на сцената“ и „Се обидоа да привлечат внимание со ова, но сепак мислам дека требаше да го покажете“, се само дел од коментарите.
Пејачките го повторија бакнежот
Леванте и Гаја го повторија бакнежот зад сцената, а Леванте потоа сподели нивна заедничка фотографија на X со пораката: „Џана Нанини ми напиша зборови полни со љубов синоќа по настапот. Открив дека имам уште една сестра, нејзиното име е Гаја. Излегов од сцената среќна и олесната, како некој што учи да го живее животот до максимум. Ви испраќам на сите голем бакнеж во устата!“.
Финале во Санремо вечерва
Финалето на музичкиот фестивал во Санремо се одржува вечерва, по четири вечери. Победникот, доколку сака, ќе ја претставува Италија на годинешниот Евровизиски натпревар во Виена.