Бајден и Путин: Прагматична средба без пријателство


Средбата во Женева траеше помалку од очекуваното. Путин ја нарече „многу ефикасна“. Најголем дел од времето бил потрошен на разговори за контрола на вооружувањето и сајбер безбедноста

 

Претседателот на САД, Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, на „прагматичниот“ прв самит одлучија да одржат разговори за контрола на вооружувањето и сајбер безбедноста и да ги вратат нивните амбасадори, додека се согласија да се разликуваат по други прашања.

Дискусиите во вилата „Ла Гранж“ крај езерото во Женева траеја помалку од четири часа – далеку помалку отколку што советниците на Бајден рекоа дека очекуваат.

Путин (68) го нарече Бајден (78) конструктивен, искусен партнер и рече дека зборуваат „на ист јазик“, но додаде дека немало никакво пријателство, туку прагматичен дијалог за интересите на нивните две земји.

Бајден рече дека „му рекол на претседателот Путин, потребни ни се некои основни правила на патот, кои сите можеме да ги почитуваме“, додавајќи: „Јас го направив тоа за што доојдов да го направам“.

Бајден, зборувајќи кратко по подолгата изјава на Путин, рече дека „нема замена за дијалог лице-в-лице “ и дека му рекол на Путин дека неговата агенда не е „против Русија“, туку „за американскиот народ“.

Тој исто така рече дека во дискусиите поминале многу време на контрола на оружјето и на сајбер нападите.

Во можеби неговата најсилна забелешка, тој рече дека последиците ќе бидат „катастрофални за Русија“ доколку умре затворениот опозициски лидер Алексеј Навални.

Путин покажа мал апетит за компромис за низа други прашања, отфрлајќи ја загриженоста на Вашингтон за Навални, за зголеменото воено присуство на Русија во близина на источната граница на Украина и за сугестиите на САД дека неидентификувани Руси се одговорни за серија сајбер напади во Соединетите Држави.

Бајден рече дека тој покренал прашања за човековите права и исто така судбината на американските граѓани затворени во Русија. Путин рече дека верува оти може да се најдат некои компромиси, иако не даде индикации за каков било договор за размена на затвореници.

Путин вели дека тој и Бајден се согласиле на „конструктивниот“ самит во средата да ги вратат амбасадорите на нивните држави и да започнат преговори за замена на последниот преостанат договор меѓу двете земји за ограничување на нуклеарното оружје.

Путин рече дека „немало непријателство“ за време на разговорите.

Вилата крај Женева каде што се одржа самитот

Рускиот лидер истакна дека Бајден кажал мудар совет што му го дала неговата мајка и исто така зборуваше за неговото семејство – пораки за кои Путин рече дека можеби не биле целосно релевантни за нивниот самит, но ги демонстрирале „моралните вредности“ на Бајден. Иако покрена сомнеж дека односот САД-Русија наскоро може да се врати во мерка на рамнотежа во изминатите години, Путин сугерираше дека Бајден е некој со кого може да работи.

„Средбата беше навистина многу ефикасна“, рече Путин. „Беше суштинска, специфична. Беше насочена кон постигнување резултати, а еден од нив беше одење кон границите на довербата“.

Двете земји ги повлекоа своите амбасадори во Вашингтон и Москва, бидејќи односите се ладеа во последните месеци.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, беше повлечен од Вашингтон пред околу три месеци откако Бајден го нарече Путин убиец; американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан ја напушти Москва пред речиси два месеци, откако Русија предложи да се врати во Вашингтон на консултации. Путин рече дека амбасадорите се очекува да ги вратат своите работни места во наредните денови.

Нивниот јазик на телото, барем во нивните кратки моменти заедно пред печатот, не беше исклучително топол.

Двајцата лидери се ракуваа – Бајден прво ја подаде раката и му се насмевна на стоичкиот руски лидер – откако швајцарскиот претседател Ги Пармелин ги пречека на самитот. Кога беа неколку минути подоцна пред камерите – овој пат во внатрешноста на големата езерска палата каде што се одржа самитот – се чинеше дека избегнуваат контакт со очите. (Ројтерс, АП)