Бајден и Макрон ја повикаа новата македонска влада да ги почитува меѓународните обврски

Повикот на двајцата претседатели доаѓа по свеченостите за Денот Д за 80-те години од истоварувањето во Нормандија и официјалната државна посета на Џо Бајден на Париз


Емануел Макрон и Џо Бајден во Франција

 

Една реченица но многу важна од САД и Франција е силна порака до новата македонска влада која е во формирање и мандатарот Христијан Мицкоски.

Џо Бајден кој беше во официјална државна посета на Франција по одбележувањето на 80-годишнината од Денот Д и истоварувањето во Нормандија заедно со Емануел макрон ја повикуваат Северна македонија да ги почитува преземените меѓународни обрвски кои произлегуваат од склучените договори, објави денеска Гласот на Америка на македонски јазик.

Белата куќа го објави француско-американскиот патоказ на 8 јуни по официјалчните раговори на Бајден и Макрон.

Белата куќа вели дека Бајден и Макрон се заложиле за Европа – цела, слободна и мирна.

„Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да ги почитува своите меѓународни обврски“. 

Преспанскиот договор не се споменува директно, но тој се подразбира имплицитно. Особено што Бајден има извршна наредба дека оние што ќе го прекршуваат Преспанскиот договор може да бидат подложени на американски санкции. 

Освен Северна Македонија, патоказот ги спомнува и другите држави на Западен Балкан, како и Украина, НАТО, Блискиот Исток и други региони.

„САД ја поздравија континуираната блиска соработка за интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија со цел да се зголеми просперитетот и да се зајакне демократското владеење и владеењето на правото. Тие ја поздравуваат можноста за зајакнување на заедничкиот ангажман на Западен Балкан, вклучително и преку соработката меѓу Европската унија (ЕУ) и НАТО, дијалогот олеснет од ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и преку поддршка на клучните реформи за интеграција во ЕУ“, се вели меѓу другото во информацијата.

Највискиот функционер на САД кој ѝ го честиташе изборот на Гордана Сиљановска-Давкова за претседателка на државата е помошник-државниот секретар на САД Џејмс О` Брајан. Тој преку социјалната мрежа Икс, рече дека САД очекуваат да работат со Северна Македонија „на значајни реформи и заеднички цели на патот кон евроатлантската интеграција“.

И заменик-помошникот секретар на САД во заминување и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, во онлајн интервју за Европскиот центар на Атлантскиот совет на крајот на мај, рече дека САД добиле уверување од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе останат посветени на европскиот пат.

Грција го поврза напредокот на државата кон ЕУ со целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно со „употребата на уставното име на земјата“, откако Гордана Сиљановска-Давкова кажа Македонија, а не Северна Македонија, при заклетвата на инаугурацијата за претседател.

Христијан Мицкоски и иден премиер рече дека сите документи и закони ќе ги потпишува со уставното име, но дека во говори нема да користи Северна Македонија, бидејќи тоа било негово лично човеково право.