Австралијка заглавена меѓу карпи висела наопаку 7 часа


Девојка во Австралија била заглавена наопаку 7 часа меѓу карпи додека се обидувала да го пронајде својот изгубен мобилен телефон, пишува CNN. Тоа се случило на почетокот на овој месец, а на фотографиите објавени вчера од Службата за брза помош во Нов Јужен Велс (НСВ), се гледаат само голите стапала на жената.

Жената се шетала со пријателите на приватен имот во Лагуна, селско гратче во долината Хантер на околу 120 километри од Сиднеј, кога и паднал мобилниот телефон. Додека се обидувала да го земе, се лизнала напред во пукнатина од 3 метри меѓу два големи камења. Пукнатината била толку длабока што нејзините пријатели не можеле да ја допрат. Службите за итни случаи официјално не го објавија името на жената, но полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека таа имала 23 години.

    Специјалистот за спасување Питер Вотс изјави за Си-Ен-Ен дека нема телефонски сигнал во областа, па нејзините пријатели морале да ја остават зад себе за да повикаат помош.

„Мојата првична мисла беше, како ќе ја извлечеме одовде? Затоа што никогаш не сум наишол на ваков случај. Во нашата обука за спасување, ќе опфатиме спасување ров, спасување во затворен простор и вертикално спасување, а ова беше еден вид комбинација од сите тие работи во една работа“, изјави Вотс за CNN.

„Додека лазела во оваа мала дупка, таа се лизнала околу три метри надолу по каналот и се заглавила“, рече Вотс. Областа каде што паднала била на околу 50 метри по патека обрасната со грмушки, недостапна дури и за теренски возила.

„Размисливме за тоа и решивме дека единствениот начин да ја извадиме е да излезе странично  од пукнатината, што значи дека треба да ги отстраниме овие карпи“, рече Вотс.

„Требаше да се отстранат шест големи камења пред спасувачите да се приближат доволно за физички да ги допрат нејзините стапала. Беше толку мирна и сталожена за време на спасувањето. Бев многу импресиониран. Јас би бил испаничен. Воопшто не беше во паника“, изјави Вотс.

Тие биле загрижени дека таа била наопаку толку долго и дека можеби страда од последиците од прекумерниот притисок врз нејзините екстремитети. Беа потребни неколку часа пред да биде отстрането доволно карпи за спасувачите да пристапат прво до едната, а потоа и до другата нога.

„Последниот преостанат камен – околу 500 килограми – беше тешко да се помести.  Користивме дрво од двете страни за да го спречиме да се ниша или да се преврти преку тој мал јаз од 10 сантиметри додека не го тргнеме  далеку од патот“, рече Вотс.

„Потоа стигнавме до неа. Кога и ги извадивме колковите, моравме да и ги преместиме нозете на левата страна за да и го извадиме рамото. Така што беше мал маневар за да ја извадиме целата од таа мала пукнатина.Кога ја извлековме, девојката беше уморна и имаше вртоглавица. Целата крв и беше во главата, а немаше ништо во нозете, па не можеше да стои или да оди“, рече тој.

За чудо, девојката преживеала само со ситни гребнатинки и модринки. По спасувањето, таа била пренесена во болница на набљудување. Но, нејзиниот мобилен телефон останал меѓу карпите.