Артан Груби ќе се врати…

Премиере, дај малку концентрирај се, направи малку пауза меѓу две различни изјави за иста работа. Премногу трчаш од медиум на медиум па ти се мешаат работите


Со денови гледаме повозбудлива сапуница од турските серии, дали и кога ќе се врати бегалецот Артан Груби. Штом премиерот Христијан Мицкоски дава гаранција за фер судење еден убав сончев ден Артан Груби ќе се врати да докаже дека е „чист како солза“, или судот да докаже дека е виновен. Има само еден мал предуслов да се одреди точниот датум кога ќе стаса Груби во земјата.

Прогнозата ми е дека тоа ќе се случи на куково лето, освен ако во меѓувреме ДУИ повторно стане коалиционен партнер во некоја идна влада. Во ДУИ не се како во ВМРО-ДПМНЕ, па да го остават својот заслужен кадар да „чмае“  во егзил како Никола Груевски во Будимпешта. Разликата е во тоа што Али Ахмети не стравува дека Артан Груби ќе му го земе местото, што не може да се каже за  Мицкоски ако му се врати Груевски. Простете ми за сарказмот на новинарскиот циник, тоа е поради нашето богато искуство со разни бегалци и пресуди главно на бившите функционери, со мали исклучоци.

Темата воопшто не е за пародија ама секој сериозен пристап на она што се случува во нашата децениска сага за владеење на правото станува смешен. Како може поинаку да се протолкува кога лично премиерот вели: „Не сакам да шпекулирам каде е Артан Груби, поранешниот вицепремиер. Факт е дека не бил чист како солза. Ако е така би застанал пред органите за правда“. Многу мудро кажано, прво дека не е чист, а второ ако е чист ќе застане пред органите на правдата. Ова во двата случаи ми доаѓа исто. Од каде сега оваа висока доверба на премиерот во правосудниот систем, за кој истовремено секој ден повторува дека само два отсто од граѓаните веруваат во судската правда.

Како што сака да слушне јавноста

За секоја прилика премиерот Мицкоски си има допадлива изјава, тоа што сака да го слушне јавноста. Во ист ден при поставување на некој камен темелник за градинка, или на било кој негов јавен настап, по било кој повод, ќе уследи нели добредојдено новинарско прашање на кое следува одговор како од пушка. Еднаш правосудството во сите истанци е катастрофа, а веќе во следната вест тие што се невини не бегаат од земјата и ќе се соочат со правдата. Што има тука нејасно. Катастрофалното судство ќе суди како што ќе соопшти власта преку медиумите кој е виновен, а кој невин лежи во затвор, ако останал уште некој таму.

Премиере, дај малку концентрирај се, направи малку пауза меѓу две различни изјави за иста работа. Премногу трчаш од медиум на медиум па ти се мешаат работите. Или пак мислиш дека најважната работа ти се изјавите, па ти станаа главен приоритет. Земи пример како што тоа го прави твојот коалициски партнер вицепремиерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Тој оди по еден друг редослед. Категоричен е дека довербата во правдата се враќа.

Е, сега веќе сѐ е оправдано штом е вратена довербата. Се работи за неверојатен скок од два на сто отсто доверба во правосудниот систем. Изет Меџити најсилниот од коалицискиот триумвират вели: „Владата го направи своето и веќе се враќа правната држава“. Малку е нејасно каде била досега и каде се враќа, но треба да се подразбере дека била изгубена, па сега ете со новата влада е на старото место.

Но, Меџити тука не застанува, не само што експресно се воспоставува владеењето на правдата, туку се враќа довербата и во институциите на системот. Тој ова го разјаснува брилијантно: „Пораката на владата е дека никој не е над законот и секој што згрешил треба да оговара. Останува на МВР, судството и на обвинителството да се занимаваат со случајот Груби и со другите“. Добро кажано, Македонија може веднаш да го отвори и затвори првиот кластер, најтешкиот, владеење на правото, без да преговара со ЕУ. Само треба судството да почне да се занимава со тие што се над законот.

Обично таа занимација е со поранешните функционери кога ќе ја изгубат власта. Тие биле над законот кога владееле, а овие актуелниве ќе бидат чесни додека не паднат. Или како што вели професорот Гордан Калајџиев: во полициска држава тие што паднале од власт прво ќе ги оцрниме, а потоа ќе ги затвориме. Калајџиев повеќе пати предупредува јавно политиката да ги крене рацете од правосудството, тогаш тоа ќе знае како вистински да работи. Ќорава работа е таа се додека политиката му кажува на судството преку медиумите, или уште полошо во четири очи, како треба да судат и кој е виновен, а кој е невин.

До пролет ќе стасаме до нула, а на есен до небото

Довербата се враќа кога почнува да се чисти прво својот двор. Многу добар исчекор во враќање на довербата во судството би бил на пример, како што тоа се случува во земјите каде владее правото, кога јавниот обвинител би го повикал да даде исказ секој политичар, па макар бил премиер, министер, или претседател на државата на основа на што тврди јавно дека некој се огрешил од законот, бил корумпиран или направил „епски“ криминал. И да ѝ соопшти на јавноста дали станува збор за клевета, или пак навистина има основа за покренување на истрага.  

Уште една изјава на премиерот Мицкоски ми остави силен впечаток која може да се издвои од серијалот на сапуницата со популистичките бисери. Одговарајќи на новинарско прашање во лидерски стил рече: „ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата, но и самата влада којашто ја предводам, прави сѐ што може да испорача резултати, да покажаме дека не сме исти како другите. Сѐ останато е гола вода и празна политика. Задоволен сум, но секогаш може подобро. Ќе работиме жестоко немаме друг избор“.

Феноменално како што е една турбо фолк песна. Ама следните реченици го расипуваат, го снеубавуваат восхитот од визијата на премиерот Мицкоски: „Првичната наша цел беше да го сопреме слободниот пад. Во тоа успеавме. Ја консолидиравме состојбата во државата. Очекувам на пролет да дојдеме до точката нула и потоа да почнеме да ја развиваме државата онака како што имаме намера“.

Значи, ако до пролет дојдеме до нула преку летото, па до есен ќе се вивнеме до небото под облаци. Убавино, ти ме заморуваш веќе.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)