Арсовска: Новогодишното украсување е почнато – Скопје ќе блесне на 15 декември


Фото: Б. Грданоски
По серијата текстови во медиумите, попладнево се огласија од Град Скопје, од каде уверуваат дека Скопје ќе биде новогодишно украсен, за многу помалку пари од претходните години, а дека и украсувањето е почнато. 
 
– Не ја разбирамe потребата, веројатно во недостаток на останати аргументи и оваа година во истиот период како на тајмер, партиските војници да констатираат дека „Скопје е тажно“ и дека „Скопје нема да се накити“ за време на Новогодишните празници. Секоја година истите луѓе се демантирани. Не од нас, туку од граѓаните кои се фотографираат со Новогодишните украси во градот – велат од Градот.
 
Информираат дека Градот Скопје и оваа година ќе биде украсен но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки.
 
– Некој треба да одговори како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра – велат од таму. 
 
Потсетуваат дека минатата година, во време на најголемата глобална економска и енергетска криза, градот беше накитен без дополнителни трошоци, а средствата предвидени за китење, но и трошоците кои порано се правеле за ручеци и пиење по кафани, беа наменети за ранливите категории на граѓани .
 
– Украсувањето е започнато, а како и секоја година, главниот град ќе блесне со Новогодишна магија на 15 декември -соопштија од Град Скопје.