Арсовска, место да одговара на советнички прашања, била на терен со граѓаните


Советот на Град Скопје денеска не ги одржа двете закажани седници за поставување советнички прашања и за спроведување проекти предложени од градоначалничката, затоа што Данела Арсовска не се појави во салата.

– Денеска треба да имаме две седници, едната е за советнички прашања, а другата редовна седница на Советот на Град Скопје. Како што се гледа, не знам која е поред оваа седница за советнички прашања каде што градоначалничката не е присутна во салата. Тоа значи дека Арсовска не е заинтересирана да одговори на прашањата кои ги имаат граѓаните, а тоа е нејзина должност и обврска, изјави советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска на денешната седница на Советот на Град Скопје.

-Арсовска не е присутна, а треба да е тука и да одговори на прашањата на граѓаните, не е тука кога треба да се зборува за проблемите на граѓаните, не е тука кога се носи буџет или ребаланс на буџет, не е тука ни дури кога таа предлага свои точки да ги образложи и да каже што бара од овој совет, истакна Андоновска.

Таа нагласи дека во Советот не може да се работи без Арсовска да биде присутна и да одговори транспарентно за одлуките.

-Арсовска треба да одговори на граѓаните, треба да биде тука за да може да се донесат решенија. Не може да се носат решенија без да биде присутна и да образложи, да се најде решенија, проблемите да се решат. Планира ли да почне оваа градоначалничка да ги спроведува ветувањата? Советот е блокиран од градоначалничката, нагласи Андоновска.

Претседателот на Советот, Трајко Славески даде 15 минути пауза и ја повика градоначалничката да дојде на седницата на која требаше да се поставуваат советнички прашања, но таа не се појави, затоа што таа била на терен со граѓаните, појасни заменик-градоначалникот Александар Трајановски.

Славески ја прекина седницата за поставување советнички прашања, а по истата причина ја одложи и закажаната седница, на која требаше да се гласа за предлозите на Арсовска, а за следен термин дополнително ќе извести.

Од Градот одговорија дека е срамно и неодговорно однесувањето на претседателот на Советот, Трајко Славески кој своеволно ја одложи седницата на Советот на Град Скопје на која требаше да се гласа за проекти кои се од клучно значење за скопјани.
 
– Наместо да се разговара за капитални проекти, Славески ја прекина и одложи седницата на која требаше да се најдат  неколку круцијални инфраструктурни проекти, проекти кои значително ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните на Скопје во неколку населби ширум градот – велат од таму. – Славески веројатно чекајќи инструкции од својот партиски шеф денес го блокираше рамномерниот равој на градот кој самиот го промовираше шетајќи од врата до врата со програмата „За Модерно Скопје“ на градоначалничката Данела Арсовска. 
 
Инаку, денеска требаше да се расправа дали ќе се спроведат проектите кои Арсовска ги предложи како: реконструкција на улицата „Калош Дани“ која е руинирана, кај Момин Поток; изградба на две новопланирани улици 1 и 4 и изградба на мега парк во општина Карпош; реконструкција на водоводна и нова фекална мрежа во Чучер Сандево и реконструкција на улици во местата Кучевишка Бара и Бел Камен.