Аргентинскиот претседател доби италијанско државјанство


Италијанската влада му додели државјанство на аргентинскиот претседател Хавиер Милеио врз основа на неговите италијански семејни корени, изјави добро информиран извор, потврдувајќи ги претходните извештаи на медиумите.

Милеи е во Рим за да се сретне со италијанскиот премиер Џорџија Мелони и да учествува на божиќната прослава на Браќата на Италија во сабота.

Изворот рече дека владата му доделила италијанско државјанство на аргентинскиот лидер, без да даде дополнителни детали.

Некои италијански политичари се бесни
Оваа вест во италијанските медиуми предизвика гневни реакции кај дел од политичарите, а на социјалните мрежи и од мигранти чии деца се родени во Италија, но не можат да добијат државјанство.

Законите за италијанско државјанство се засноваат на крвни врски, што значи дека дури и далечните потомци на италијански државјанин можат да добијат италијански пасош.

„Ова е неподнослива дискриминација на толку многу млади луѓе“
Законите за странците родени во Италија или оние кои мигрирале таму се многу построги. Про-имигрантските групи предложија референдум за олеснување на овие закони, но десничарската коалиција на Џорџија Мелони е против олеснување.

Рикардо Маги, пратеник на малата опозициска партија + Европа, рече дека доделувањето државјанство на Милеи е чин на „неподнослива дискриминација на толку многу млади луѓе кои ќе го добијат по многу години“.

За време на претходното патување во Италија во февруари, Милеи во телевизиско интервју изјави дека „75 отсто се чувствува Италијанец“, имајќи предвид дека неговите тројца баби и дедовци биле со италијанско потекло и дека тој самиот има „неверојатна страст за италијанската опера“.