Апсењето на новинарот Фуркан Салиу ги зовре страстите во кампањата

Салиу тврди дека не нападнал никого од полицијата. Министерот Тошковски вели дека било обратно. СДСМ реагира дека се враќаат старите времиња на притисок


 

Прво со тоа што објавуваше факсимили од состанок на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ за наводно организирање лажни анкети и лажни вести, а денеска со неговото апсење од страна на полициски специјалци, новинарот Фуркан Салиу е во центарот на настаните за време на кампањата за двата избори.

Тој денеска беше уапсен на фудбалски натпревар во селото Средно Коњари близу Скопје затоа што, наводно, давал отпор на полициски службеници. Откако медиумите ја објавија веста за приведување неколку часа подоцна се огласи МВР со соопштение за настанот.

„Денеска околу 17 часот на фудбалскиот стадион во Средно Коњари за време на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК ‘БВК Коњаре’ и ФК ‘Куманово’, на дваесетина минути пред крајот на натпреварот дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи. Обидот е спречен од страна на службите кои го обезбедуваа натпреварот и натпреварот бил прекинат“, соопшти МВР. 

За време на интервенцијата, како што стои во соопштението, од страна на две лица нападнати се припадници на Единицата за брзо распоредување. Лицата кои го извршиле нападот веднаш се приведени и утврдено е дека станува збор за Ф.С. (33) од. Арачиново и Н.Ј. (26) од с. Арачиново, додека С.Б. (40) од Арачиново е приведен за учество во тепачка. 

Околу 18 часот, при преглед на патничко возило „дачија дастер“, сопственост на Ф.С., а управувано од Ф.А. (34) од  Кондово со сопатник А.Р. (21) од Кондово, во багажникот е пронајден пиштол. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување и документирање на случајот“, вели МВР.

Вечерва се огласи и приведениот Фуркан Салиу во објава споделена на Фејсбук страната на „Портал X“ и тврди дека не нападнал никого од полицијата и фактите фактите ќе го докажат тоа подоцна.

„Од објективни причини не можам да пишувам на мојот личен профил. Во моментов сум задржан во полициската станица во Автокоманда. Жал ми е што со моето однесување можеби влијаев ситуацијата да ескалира за да завршам со лисици. Жал ми е и ако ве разочарав вас, што верувавте во мојата работа. Ве уверувам дека јас не ја нападнав полицијата.

Иако сѐ беше снимено, полицијата ги избриша материјалите во полициската станица.

Што се однесува до пиштолот што беше пронајден во мојот автомобил. Пиштолот е со дозвола и е пронајден во мојот автомобил. За време на моето апсење, телефонот и клучевите ми испаднаа од џебот и ги зеде снимателот .Без судски налог и без јас да бидам присутен како сопственик на автомобилот, беше претресен автомобилот од страна на специјалната единица. Делото за кое се товарам, напад врз полицаец, не држи вода и никогаш не може да се докаже. Ви благодарам за поддршката и се надевам дека ќе се видиме наскоро“, напиша новинарот Салиу.

Со дополинтелни објаснувања се јави и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според него, апсењето било направено поради напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување, кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик.

„По приведувањето на лицето Ф.С. извршен е преглед на автомобил во негова сопственост и во него е пронајден пиштол. Од страна на полициски службеници тој е приведен во полициска станица каде ќе биде извршен разговор и ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и документирање на настанот. Ја разбирам загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво. Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата“, наведе Тошковски на својата Фејсбук страница.

Партиите и новинарските здруженија не веруваат многу во овие објаснувања на министерот Тошковски и МВР. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро го осуди апсењето на Салиу и бара негово ослободување, изјави вечерва на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Според Каевски, апсењето следи откако новинарот Салиу објави афера директно поврзана со ВМРО-ДПМНЕ и претставува обид за замолчување и заплашување на новинарите.

„Ова е обид за замолчување и заплашување, откако новинарот објави афера директно поврзана со ДПМНЕ. На чело на СВР Скопје и ЕБР се новопоставени началници назначени од страна техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Началниците назначени од Тошковски и ДПМНЕ, дале наредба за апсење на новинарот Салиу. Ова е загрозување на слободата, демократија, слободата на говор загарантирана со Устав. Директен и брутален притисок врз независните новинари, врз оние кои истражуваат и работат за јавниот интерес“, рече Каевски.

За седум години власт на СДСМ, рече Каевски, не само што нема ниту еден уапсен новинар, туку донесени се низа законски решенија со кои се гарантираат правата и заштитата на новинарите.

„ВМРО-ДПМНЕ за само два месеци покажа како планира да ја практиува власта доколку ја добие – со сила. Во демократска држава во април мириса на пролет, а со ВМРО-ДПМНЕ на чело на МВР мириса на режим“, рече Каевски. 

„Силно го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Употребата на сила против новинарите страшно потсетува на мрачните времиња од минатото кога немавме слобода и демократија и бевме заробена држава“ напиша претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на Фејсбук.

Тој додаде дека заплашување на новинари, злоупотреба на моќта и на институцијата МВР е недозволиво.

„Очекувам новинарот да биде ослободен. Слободата на говор и заштитата на новинарите се врвен приоритет во едно демократско општество“ напиша Ковачевски.

„Денес е Фуркан, утре може да е кој било друг, слободата мора да ја чуваме, режим никогаш повеќе, слободата е наша неотуѓива правдина“, напиша на социјалните мрежи вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

„Дали сме за заробена држава или држава во која се негуваат граѓанските и медиумските слободи и права? Нашата држава доживеа преобразба од период на ограничувања до ера на слобода. Во 2023 година, Македонија се искачи на 38. место во Глобалниот индекс на ‘Репортери без граници’, покажувајќи значително подобрување во слободата на медиумите и граѓанските права, во споредба со мрачниот период на заробена држава (2013-2016), кога беше на 123 место“, пишува Маричиќ.

Според него, „масовните протести и Шарената револуција беа клучни во иницирањето на промените кои следеа, со новата влада која презема значителни мерки за враќање на медиумските и граѓанските слободи. За време на режимот од 2013 до крајот на 2016 година беа згазени граѓанските слободи со незаконско прислушувани повеќе од 20.000 луѓе. Оваа трансформација ја потврдува колективната волја на народот за демократија, покажувајќи дека режимот кој ја потиснува слободата е дел од минатото и дека општеството е единствено кога станува збор за слобода и правда“, напиша Маричиќ на Фејбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ со некелку реченици побараа расчистување на случајот и да се види дали новинарот Салиу нападнал службено лице.

„Ја браниме и во целост ја почитуваме новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без било какви пречки.

Секој новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме каков било напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот.

Бараме целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да се почитуваат сите негови права и слободи како новинар“, велат од опозициската партија.

Претседателскиот кандидат Арбен Таравари преку соопштение во јавноста го осуди апсењето на новинарот Фуркан Салиу, велејќи дека акцијата била спроведена под сомнителни услови.

Таравари бара итно ослободување на новинарот Салиу и целосно расчистување на случајот.

„Го осудувам апсењето на новинарот Фуркан Салиу. Според сите докази, неговото апсење е извршено под услови на извршување на неговата професија. Барам што поскоро ослободување на новинарот Фуркан Салиу и расветлување на случајот, се сеќавам и на изјавата на Леке Дукаѓини: ‘Гласникот не е виновен за веста што ја дава! Не осудувајте го гласникот туку веста’“, напиша Таравари.

„ВМРО – МВРО никогаш повеќе. Пред неколку дена ВМРО беа фатени со лажни анкети и ширење на лажни вести. Денеска ВМРО – МВРО го уапси Фуркан Салиу, новинарот кој ги разоткри“ напиша на Фејсбук вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Тој запраша што е следно од ВМРО-ДПМНЕ, тепање студенти во библиотека, да влезат насилно во Собранието ако не им се допаднат изборните резултати, да прислушуваат илјадници граѓани, да направат војна или пак нов Мартин Нешковски или нов Кежаровски.

„Режимот на ВМРО-МВРО денеска повторно го гледаме на дело. Мораме да бидеме будни и одлучни во нашата решеност да се спротивставиме на секое враќање на тиранијата и угнетувањето на наследниците на Груевски, кои сега се вдомени во белата палата на најбогатата партија во Европа“, напиша Битиќи.

Ваквото апсење на новинарот Фуркан-Салиу е недозволиво во демократска држава, реагираат од Либерално-демократската партија. 

„Ние како либерал-демократи посочуваме дека новинарот Салиу ниту некогаш бил обвинет за тероризам, ниту претставувал каква било безбедносна закана за да сведочиме вакво радикално однесување од страна на полицијата“, додаваат од партијата. 

Според ЛДП новинарите, а пред сѐе младите новинари треба да се охрабрат што почесто да ги искажуваат своите мислења и ставови кон одредени теми, затоа што така постепено ќе ја доближат демократијата блиску до граѓаните.  

Здружението на новинарите на Македонија излезе со соопштение случајот на новинарот Фуркан Салиу да биде расчистен, а тој веднаш да биде пуштен од полицискиот притвор.

„Попладневно на социјалните мрежи и на неколку онлајн медиуми беше објавено видео од кое се забележува како повеќе униформирани специјалци од МВР апсат лице кое се наоѓа на земја и не пружа отпор. Непосредно по оваа објава, следеа неколку сензационалистички наслови од медиуми, кои се блиски до политички партии, кои шпекулираат разни основи за притворање на новинарот Фуркан, а притоа се повикуваат на наводни полициски извори.

ЗНМ и ССНМ апелираат случајот веднаш да биде расчистен, да се внимава да не се повредат правата на колегата Салиу, а политичките партии да не го користат во своите дневно-политички препукувања и за партиски цели на изборната кампања.

Пред малку беше објавена информација на ‘ПорталХ’, онлјан медиумот во кој Фуркан Салиу е основач и уредник. Уредничкиот тим на медиумот информира дека денешниот акт на специјалната единица против новинарот Салиу е целосно диригиран и претставува обид за притисок врз слободното новинарство што го практикува ‘ПорталХ’“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Слично соопштение издаде и АВМУ, повикувајќи го МВР веднаш да го расчисти случајот со апсењето на Фуркан Салиу. (Н.В.)